Македонија
30. August 2024 - 15:45

Филипче на средба со Линде: Социјалдемократските политики се најдобар одговор против економските предизвици и нееднаквоста

Растечкиот национализам и радикализам се закана за демократијата секаде во Европа. Затоа, од огромна важност е социјалдемократските партии, кои се носители и заштитници на демократските вредности, да останат силни и сплотени. 

Ова го изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Ана Линде, поранешната министерка за надворешни работи на Шведска. 

На средбата, претседателот на СДСМ истакна дека врвен приоритет во новата програма на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е да ги реафирмира вистинските социјалдемократски вредности прилагодени на потребите на граѓаните во Северна Македонија.  

„Предизвиците со кои се соочуваат граѓаните денес – растот на нееднаквоста, намалувањето на животниот стандард, како и општествените поделби и тензии, се проблеми кои може да се решат само со социјалдемократски политики. Политики кои се засноваат на принципите на еднаквост, социјална правда и солидарност. СДСМ отсекогаш високо ги ценел идеалите за слобода и еднаквост, обезбедувајќи секој граѓанин да има можност да води достоинствен живот“, рече Филипче.

Иднината на Северна Македонија е во Европската Унија и тоа може да се постигне преку целосно спроведување на реформската агенда и прифаќање на обврските што ЕУ ги постави во преговарачката рамка, согласни се Филипче и Линде. Но, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не покажува сериозна намера да го продолжи евроинтеграцискиот пат, смета Филипче.

„Реформската агенда што ја постави СДСМ во периодот кога ја предводеше Владата беше доказ дека правиме сериозни исчекори во таа насока. За жал, не можам истото да го кажам и за Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега, загрижен сум за намерите на оваа Влада во однос на евроинтеграциите. Нејасен е стратешкиот правец и курс по кој тргна државата. Мојот впечаток по првите месеци владеење е дека тие немаат интерес да ги продолжат преговорите, ниту посериозно да се занимаваат со оваа тема. Доказ за тоа се последните размени на изјави помеѓу македонскиот и бугарскиот врв“, рече Филипче на средбата со Линде. 

Билатералната средбата Филипче-Линде се одржаа на маргините на тринаесеттата тинк-тенк школа Корчула. Линде е дел од сестринска Шведска социјалдемократска партија. СДСМ и Шведската социјалдемократската партија се дел од големото семејство на Партијата на европски социјалисти.  

СДСМ

Центар за комуникации со јавноста