Филипче ги претстави „црвените линии“ – постави рок до 10 февруари да се спроведат уставни измени
Преку десет точки и времена рамка за спроведување на уставните измени најдоцна до 10-ти февруари следната година опозицскиот лидер Венко Филипче ја претстави резолуцијата со црвените линии за македонските интеграции. Јазикот, идентитетот, историјата и културните особености, се црвените линии за кои не се преговара, стои во текстот.
Според временската рамка, Владата и премиерот добија рок најдоцна до 25 ноември да ги разгледаат сите амандмани од 2023-та за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот и да се изјаснат дали остануваат на истиот текст или се предлага нов.
Рок доби и Собранието - до средината на декември да ја започне постапката за уставни измени, а најдоцна до 10-ти февруари да се случи и гласањето за менување на Уставот. Истиот ден да се извести ЕУ дека завршена е обврската за деблокада на процесот, а со тоа му поставува рок и на Брисел, до 15-ти февруари да се оддржи меѓувладина конференција и да биде отворен првиот кластер – Темелни вредности.
„Владата и сите институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културни особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ, и дека Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер. Ова се нашите црвени линии. Ова е предлог решение за постигнување на сите заеднички национални и стратешки цели со консензус со оглед на високото мнозинство граѓаните за членство на државата во ЕУ“, изјави Филипче.
Наместо напуштање на преговорите, доколку Бугарија постави ново вето како што побара пред еден месец, Филипче сега вели дека подобро решение е преку заедничко писмо на државниот врв да се известат европските институции дека е потребно безусловно почитување на јазикот, идентитетот и историјата како елементи за кои не се преговара.
Според СДСМ, резолуцијата е потврдена врз основа на сите досегашни стратешки документи, договори и иницијативи на Собранието и Владата.
Предлог резолуцијата ќе биде испорачана до сите партии за нивни предлози. Филипче повика на национален консезус за државните позиции во преговорите со Брисел. Повика да не биде злоупотребена за изборни цели.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар