Итен инспекциски надзор за несобраното ѓубре, бара Здружението на млади правници
Вработени во Паркови и зеленило протестираа во исто време, на две различни локации – едните пред Град Скопје, другите пред влезот на претпријатието. Сите побараа исплата на платата за август. Од Независниот синдикат велат дека испратиле неколку дописи до Арсовска, но не ги примила на средба. Не успеале да го исконтактираат ниту директорот.
„Се собравме пред Собранието на Град Скопје, за да изразиме револт поради недобивањето плата за „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“. Имено, и покрај тоа што потпишавме спогодба и колективен договор на ниво на работодавач се уште не се исплатени не само платата за месец август, туку и регресот за 2022 година, јубилејната награда од 2022 година наваму и новогодишните награди. Беше договорено тоа да биде сукцесивно, значи роковите одамна поминаа“ - Горан Ристески, претседатедател на независниот синдикат на државната администрација
Од СУТКОЗ, пак, даваат рок до утре на пладне. Ако не добијат плата, од понеделник ќе стапат во генерален штрајк и блокади.
Од друга страна, проблемот со ѓубрето останува нерешен. Сител и денеска направи обиколка низ повеќе општини, а сликата беше ужасна. Дел од контејнерите беа испразнети, но вреќите со ѓубре што луѓето ги оставале по тротоарите бидејќи внатре немало место се уште стојат. На неколку метри оттаму, обратна ситуација. Депониите наоколу се делумно исчистени, но контејнерите се преполни и пак нема каде да се фрли отпад. Дополнителен проблем е исцедокот од кој се шири непријатна миризба и развлечените ќеси од животни кои бараат храна. Рој муви и оси летаат околу сите контејнери.
Од Здружението на млади правници утврдиле дека Комунална хигиена постапува спротивно на законските одредби, ја загрозува јавната хигиена и животната средина и ги повредува правата на граѓаните кои плаќаат за услуга што не ја добиваат.
„Поради тоа ние поднесовме иницијативата за вонреден инспекциски надзор до комуналните инспектори во Град Скопје затоа што тие ја имаат надлежноста да вршат инспекциски надзор над комуналното претпријатие. Бараме од нив да излезат на терен или да направат увид во документацијата, односно да ги преземат сите активности кои се потребни за да утврдат што точно се случува и зошто и да ги применат сите прекршочни санкции кои им стојат на располагање“ – Бојан Трпевски, Македонско здружение на млади правници
Ниту од Градот Скопје, ниту од Комунална хигиена досега немаат испратено известување која е причината што не се собира сметот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар