Европската Унија со нови санкции за Путин, Лавров и Русија
Претседателот Путин, министерот за надворешни работи Лавров и членови на руската Дума се на листата лица со санкции од Европската Унија.
Ова вечерва го соопш6те шефот за надворешна политика на ЕУ. Санкциите значат замрзнување имот, а не и забрана за патување. Слични санкции најавува и Велика Британија, а со ограничувањата наскоро ќе бидат опфатени повеќе лица.
Денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ следеше откако се испостави дека вчерашниот пакет економски санкции за Москва не е доволен за да сопре руската инвазија во Украина.
Денеска за прв пат по почетокот на воените дејствија, состанок одржаа и лидерите на НАТО. Алијансата распоредува дел од своите сили за брз одговор на копно, море и во воздух во источна Европа.
Столтенберг рече дека безбедносниот блок веќе ја зајакнал одбраната и дека САД, Канада и европските земји веќе распоредиле илјадници војници во регионот. На повеќе од 30 локации во Европа оперираат повеќе од 100 борбени авиони, придружени од повеќе од 120 бродови и три групи носачи на авиони. Поддршката ќе продолжи, а светот ќе бара одговорност од Русија како агресот и Белорусија како соработник, рече првиот човек на НАТО.
Попладнево беше суспендирано и членството на Русија од Советот на Европа.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар