Европската централна банка ја продолжи можноста за пристап до репо-линијата за Народната банка до 2027 година
На барање на Народната банка, Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука со која ја продолжи можноста за пристап до репо-линијата во непроменет максимален износ од 400 милиони евра до 31 јануари 2027 година. Покрај нејзините девизни резерви, коишто се на историски највисоко ниво од 5 милијарди евра, репо-линијата обезбедува брза достапност до девизна ликвидност што ѝ овозможува на Народната банка флексибилно да се справи со потенцијалните регионални шокови за финансирање и зголемената побарувачка на ликвидност во евра, информираат од Народната банка.
Оттаму изразуваат благодарност на ЕЦБ за продолжувањето на можноста за пристап до репо-линијата, што според Народната банка, обезбедува значителна поддршка за политиките на стабилност коишто таа ги спроведува.
-Народната банка доби можност за пристап до репо-линијата на почетокот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, во 2020 година, кога ЕЦБ им дозволи пристап до овој инструмент на централните банки надвор од еврозоната, со цел да се спречат преносните ефекти врз финансиските пазари и економиите во еврозоната и да се ублажат негативните ефекти од пандемијата, се вели во денешното соопштение.
Народната банка, додаваат оттаму, беше предводник и иницијатор меѓу централните банки од регионот за обезбедување пристап до дополнителни средства, за зајакнување на заштитните механизми, и покрај стабилното ниво на девизните резерви и солидната ликвидност на банките. Во изминатиот период, посочуваат од Банката, и покрај повеќе последователни кризи, не беа користени средства од репо-линијата.
Ново на Сител
-
Бела куќа: Трамп и Путин ќе имаат состанок в петок во Енкориџ
-
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор
-
Ангелов: Борбата со пожарот во ловиштето Јасен продолжува, успешно изгасната една линија, теренот останува критичен
-
Го живеам мојот сон, сакам да ме паметат по дела | Орце Ѓоргиевски | Неформално | Sitel Podcast 108
-
ЦУК: Активни пожари во Јасен, Свиларе, Радуша и уште четири локации
-
Студентската листа е 99 отсто завршена, во неа нема опозиција ниту влада, тврдат српските студенти во блокада
-
Израел тврди дека нема масовна глад во Газа
-
Еден војник загина, а еден е потешко повреден при гаснење пожар во Црна Гора