Европарламентот предлага прекин на преговорите за членство на Турција
Преговорите за пристапување на Турција во Европската унија треба да бидат прекинати, ако предложените измени на Уставот на земјата продолжат, порачаа денеска европарламентарците со усвојувањето на Резолуцијата во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во годишната оценка за напредокот на реформите во Турција се наведува дека земајќи го предвид исходот од неодамнешниот уставен референдум и проширувањето на претседателските овластувања, Комитетот за надворешни работи на ЕП ја повикува Европската комисија и националните влади на Европската унија „формално да ги прекинат пристапните преговори со Турција, без одлагање, ако пакетот уставни реформи се спроведе непроменет“.
Европратениците оценија дека 2016 година беше тешка година за Турција, како резултат на војната во Сирија, приливот на бегалци, терористичките напади и обидот за државен удар, па во тој контекст, тие го осудија обидот за преврат и ја искажаа својата солидарност со луѓето од Турција.
Резолуцијата за Турција ја признава важноста на добрите односи меѓу ЕУ и Турција и одржувањето на конструктивен и отворен дијалог, кој е клучен за решавање на заедничките предизвици, како што се миграцијата, безбедноста или тероризмот.
Европратениците предлагаат да се унапреди царинската унија меѓу ЕУ и Турција, со тоа што човековите права и основните слободи ќе бидат дел од новиот договор.
Сепак, европарламентарците сметаат дека мерките преземени како одговор на обидот за државен удар се непропорционални во Турција и тие жалат за отпуштањето на државните службеници, што се случува во големи размери, како и за апсењето новинари, судии и заштитници на човековите права и за затворањето на медиуми, училишта и универзитети .
Европратениците во Комитетот се загрижени поради непочитувањето на владеењето на правото, на човековите права и на слободата на медиумите и поради отстапувањето од борбата против корупцијата во Турција.
Тие ја осудуваат декларираната поддршка за повторно воведување на смртната казна од страна на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, што според нив, ќе го доведе во прашање членството на Турција во Советот на Европа и ќе доведе до итен прекин на разговорите за члемство во ЕУ.
- И покрај сите внатрешни разлики, Европскиот парламент зборува со еден глас кога станува збор за осуда на кршењата на човековите права во Турција. Продолжувањето на вонредната состојба има несразмерно негативни ефекти врз турското општество и произволното апсење на илјадници граѓани, вклучувајќи ги и пратениците и градоначалниците, е од најголема загриженост, изјави Кети Пири, извесутвач за Турција од Европарламентот.
Бидејќи предложениот пакет уставни реформи не е во согласност со критериумите за членство во ЕУ, извештајот повикува на формален прекин на разговорите за членство, ако уставните амандмани се спроведат непроменето. Исто така, во Резолуцијата се очекува од турската Влада сериозно да ги земе предвид препораките на Венецијанската комисија, како и фактот дека речиси половина од турското население гласаше против иземени на Уставот на референдумот.
Инаку, Резолуцијата за Турција во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент беше усвоена со 51 гласови „за“, наспроти само три „против“ и 14 воздржани. Европскиот парламент треба да гласа по овој документ на следната пленарна седница во Стразбур во јули.
Ново на Сител
-
Муртезани: Предвремени избори при стабилна влада се несериозни изјави за дневна политика
-
Бројот на загинатите во Либан од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах е над три илјади
-
Дала воена информација на Русија: Украинка осудена на 15 години затвор под обвинение за предавство
-
Совет за безбедност: Состојбата во земјата е стабилна, надлежните институции редовно ги следат состојбите во државата
-
71-годишен маж од Делчево нападнал дете
-
Скопјанка нападната во казино во Шутка
-
Баба и млад скопјанец се судриле со автомобилите, па физички се пресметале
-
Горан Весиќ најави оставка од функцијата министер за градежништво на Србија