Свет
12. May 2021 - 9:19

Ескалираа судирите меѓу Израел и Хамас, најмалку 40 мртви

Најмалку 35 Палестинци, меѓу кои и 10 деца, како и петмина Израелци загинаа во новите судири меѓу Израел и Палестинците, соопштија здравствените власти, пренесува Би Би Си.

Од рано изутрина се слушаат сирени во Тел Авив, а одекнаа и неколку експлозии.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека ќе ги интензивира нападите врз Газа, додека претставникот на ООН за Блискиот исток повика на прекин на огнот и предупреди дека „трошоците на војната ги плаќаат обичните луѓе“. Во градот Лод е прогласена вонредна состојба заради конфликтот, кој властите го опишуваат како граѓанска војна.

За попладне (15 часот по македонско време) е закажана итна седница на Советот за безбедност на ОН, на која ќе се разговара за ексалацијата на израелско-палестинскиот конфликт. Состанокот е инициран од Кина, Тунис, Норвешка, Франција, Естонија, Ирска, Свети Винсент и Гренадини, Нигер и Виетнам, откриваат дипломатите.

На претходната средба во понеделникот, Советот за безбедност на ООН не успеа да се договори за заедничка изјава.

Во меѓувреме, во градот Лод е прогласена вонредна состојба, а градоначалникот Жаир Ревиво ситуацијата ја опиша како „граѓанска војна“. Немирите се предизвикани од вчерашното палење на синагогата кај израелскиот аеродром Бен Гурион, поради конфликтот меѓу арапските и еврејските жители, пренесува Би-Би-Си. Арапските жители наводно сквернавеле синагога во градот Лод, на 15 километри југоисточно од Тел Авив и ја запалиле. Запалени се десетици автомобили и искршени се излози на продавници. Најмалку 12 лица беа повредени.

Сериозни конфронтации има и во Акри, во северниот дел на Израел и во Јафа, близу Тел Авив.

Израел рано изутринава изврши стотици воздушни напади врз Газа, додека палестинските милитантни групи истрелаа ракети кон Тел Авив и Бершеба.

Сирените кои предупредуваат за воздушен напад се огласија во Тел Авив рано изутринава.

Одекнаа неколку експлозии, само неколку минути откако Хамас соопшти дека истрелал повеќе од двесте ракети кон Тел Авив, како одговор на израелските воздушни напади врз палестинската крајбрежна енклава.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа соопшти дека нападите врз Газа ќе се интензивираат, кои од понеделникот се насочени кон околу 500 позиции на Хамас и Исламски џихад.

– Оваа операција ќе трае некое време, но ние ќе им ја вратиме безбедноста на граѓаните на Израел, вети Нетанјаху.

Од друга страна, портпаролот на Хамас Фаузи Бархум изјави дека Хамас нема да се повлече и ќе возврати на секој израелски напад.

„ОН повикуваат на смирување на конфликтот: „Веднаш запрете го огнот. Ескалираме кон целосна војна. Лидерите на сите страни мора да преземат одговорност за деескалација“, порача преку Твитер пратеникот на ООН за Блискиот исток Тор Венесланд.

„Трошоците на војната во Газа се поразителни и ги плаќаат обични луѓе. ООН работи со сите страни за да се врати мирот. Запрете го насилството веднаш“, напиша тој.