Свет
11. March 2017 - 19:18

Енда Кени: Во април специјален Самит на ЕУ за преговорите со Британија

Ирскиот премиер Енда Кени најави одржување специјален Самит на ЕУ за преговарачките позиции на секоја од земјите членки, со Британија, во врска со британското повлекување од Унијата.

Според Кени, ваквиот Самит би можел да се организира во почетокот на април, доколку британската влада се одлучи да го покрене членот 50 на Лисабонската спогодба, до 15 март.

Премиерот Тереза Меј од порано соопшти дека преговорите на Лондон со Брисел за Брегзит ќе ги започне до крајот на март.

Британски дипломатски извори и за антиевропските лондонски таблоиди денеска споменуваат дека покренувањето на членот 50 ќе се случи во вторник, иако постојат мислења дека Меј, сепак, нема да сака да ги отвори преговорите со ЕУ, непосредно пред почеткот на пролетата партиска конференција на Шкотската национална партија (СНП) на Никола Старџен.

Шкотскиот прв министер веќе навести дека доколку работите околу Брегзит не се развиваат онака како што сугерира владата во Единбург, би можело да се организира втор референдум за отцепување на Шкотска, веќе во втората половина на идната година.

Ирскиот премиер Кени, повеќепати досега изрази загриженост дека Брегзит може да предзивика обнова на кризата во Северна Ирска.

Според него, британското излегување од ЕУ директно е спротивно на основите на кои се потпира мировниот договор од Велики петок, од април 1998 година, а посебно- слободното движење и безграничната комуникација меѓу лугето од Северот и Југот на ирскиот остров.

Изјавата на Енда Кени доаѓа по соопштението на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, дека ЕУ е подготвена за 48 часови да одговори на британското покренување на процесот за Брегзит.