ЕЛЕМ разгледува опции за изградба на нови електроцентрали
АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ги истражува и ги согледува сите можни опции и потенцијали за изградба на нови домашни електроенергетски капацитети. Од компанијата најавуваат дека е во тек изработка на неколку префисибилити студии кои ќе ги дадат можните опции и ќе ги утврдат оптималните локации за нови електроцентрали што во перспектива би биле базни извори на енергија во Република Македонија.
Според најавите, истовремено, се подготвуваат платформи за изработка на студии кои треба да ги покажат оптималните и исплатливи решенија за изградба на нови капацитети за обновлива енергија и за можностите за дополнително искористување на водите, ветерот и сонцето.
- Се разгледуваат можностите за изградба на нови или адаптација на постојните термоелектрани на битуменозен јаглен по исцрпувањето на јагленовите наоѓалишта во Република Македонија. Тие би се граделе или адаптирале според најстрогите постојни регулативи за заштита на животната средина, со емисии на штетни гасови и до двапати помали во однос на ограничувањата предвидени во постојните директиви што важат во Европската унија. За сите понатамошни чекори, по изработката на студиите за термоенергетски постројки, АД ЕЛЕМ ќе се консултира со јавноста и ќе одлучува за идните активности во согласност со сите засегнати страни и нема да дозволи нарушување на комодитетот на граѓаните, велат од компанијата.
Додаваат дека се согледуваат и алтернативите за изградба на когенеративни електрани кои ќе го користат гасот како погонски енергент, со можност за комбинирано производство на електрична и топлинска енергија.
- Со оглед на тековните активности за гасификација на Македонија се отвора можност за изградба на неколку електрани на гас. Студијата треба да понуди три оптимални локации за вакви објекти. Едната локација е градот Скопје, втората би била изградена помеѓу Тетово и Гостивар, а третата на потегот Штип – Велес – Кочани, нагласуваат од ЕЛЕМ.
Во насока на проширување на портфолиото на обновливи извори, посочуваат, во наредниот период ЕЛЕМ продолжува со реализацијата на втората фаза од Паркот на ветерници кај Богданци, третата фаза од ревитализацијата на постојните хидрокапацитети, а продолжуваат и подготвителните активности за значајниот проект за регулирање на водите од реката Вардар преку оптимално искористување на водите од ХЕЦ Равен до акумулацијата Козјак, со изградба на тунелот Теново-Козјак чија реализација би овозможило дополнително производство на електрична енергија од околу 110 гигаватчасови на годишно ниво од постојните хидроелектраните по течението на реката Треска(Козјак, Света Петка и Матка), а истовремено би се зголемил потенцијалот на реката со можност за изградба на уште неколку хидроелектрани по нејзиното течение.
- Електрани на Македонија, како и досега, останува отворена за средби во просториите на компанијата со сите заинтересирани страни и невладини организации од областа на животната средина во врска со преземените инвестициски активности и развојните планови на компанијата, потенцираат од компанијата.
Ново на Сител
-
ЦУК: Четири активни пожари, три под контрола
-
Трамп нагласи дека имал „многу добар разговор“ со европските лидери
-
Шефот на НАТО вели дека Европа и Трамп се обединети во напорите за завршување на војната во Украина
-
Пожарите во Албанија не стивнуваат, најкритично во Делвина и Финиќ, опозицијата бара прогласување вонредна состојба
-
Вучиќ најави дека нема да се кандидира на следните избори
-
Венс: Трамп ми рече дека има мисија да го врати мирот во Европа
-
ЦУК: Пожар од поголеми размери избувна кај Октиси, авион на ДЗС на пат кон локацијата
-
Полицаец во Кичево физички нападнал повикано лице во полициска станица