Бизнис
25. January 2016 - 12:24

Електронска продажба на градежни парцели на Мрзенски рид кај Гевгелија

Градежните парцели наменети за резиденцијални објекти на Мрзенски рид кај Гевгелија, како што јави дописникот на МИА; предизвикаа најголем интерес кај купувачите на денешното електронско наддавање за понудените градежни парцели на неколку локации во Гевгелија.

За вкупно понудените 17 градежни парцели за станбени куќи и згради во населбата „Караорман“ локацијата крај „Моински пат“ и на Мрзенски рид, лицитираа преку 50 купувачи кои пројавија интерес само за понудените седум парцели на Мрзенски рид наменети за резиденцијални објекти односно за градење станбени куќи со посебен режим, соопштија од одделението за урбанизам на општина Гевгелија.

Надлежните информираа дека продадените парцели со површина од 800 до 1.200 метри квардартни се предвидени за градење еднокатници и двокатници со поткровје, базени и други придружни содржини. Нивната почетна цена изнесуваше 61 денар за квадрат, а се продадени по цена од 660 до 2.200 денари за квадрат.