Македонија
3. September 2022 - 19:50

Економската и енергетската криза го погоди и занаетчиството

Ковид пандемијата,  но и економската и енергетска криза го погодија и занаетчискиот сектор. Во струмичко радовишкиот регион се повеќе  занаетчиски дуќани и мали бизниси се бришат од регистарот на занаетчии. Само во последните две години нивниот број бил намален за околу 20%. Освен зголемените трошоци  и нерентабилноста во работењето  влијание во намалувањето на занаетчиите има и иселувањето од државата.

За да се запре овој негативен тренд,  од регионалната занаетчиска комора сметаат дека е неопходно да се најде модел за поддршка и на овој сектор , а со тоа   да не се дозволи правните субјекти кои ќе се избришат од регистарот да продолжат со работа во сивата зона.

Од регионалната занаетчиска комора Струмица,  велат дека во моментов единствената светла точка биле  само месеците август и септември кога завршува проектот на агенцијата за вработување преку кој невработените лица добиваат грантови за отварање на мали бизниси. Тоа бил и периодот  во кој бројот на ново регистрирани занаетчии е поголем во однос на тие кои се бришат.

Во моментов во струмичко радовишкиот регион има околу 430 активни субјекти запишани во регистарот на занаетчии. Во минатото само Струмица овој број изнесувал околу 1500.