Македонија
4. November 2025 - 12:14

ЕК ќе го презентира извештајот за напредокот во Македонија

Македонија се уште не го започнала процесот на уставни измени за вклучување на БУгарите во Уставот, на кои земјата се обврза да ги започне и постигне, ова е еден од заклучоците во извешатјот за напредокот на Македонија, кој денеска треба да биде објавен во ЕК.

Според Радио слободна Европа кои имале увид во извештајот, се нагласува и потребата од спроведување „со добра волја од сите страни“ на склучените билатерални договори, вклучувајќи го и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија .

Се забележува дека земјата треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено заштитата на независноста и интегритетот на судството и да ја засили борбата против корупцијата.  

„Властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, се наведува во нацрт-извештајот на ЕК во кој имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во извештајот кој денеска треба да  биде објавен во Брисел, како позитивен исчекор се наведува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и се оценува дека земјата постигнала одреден напредок во однос на плурализмот и слободата на медиумите и на слободата на изразување. 

Како што пренесуваат медиумите, Европската комисија во документот посочува и дека земјата е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и дека една од државите што се приклучи на Конвенцијата за заеднички транзит, чија цел е забрзување на движењето на стоките преку границите.  

Во извештајот се наведува и општа оценка за сите земји-кандидатки, а таа е дека „процесот на проширување сега оди побрзо отколку во последните 15 години“.

Според истите извори, најдобра оценка се очекува да добијат Црна Гора и Албанија, а најголеми критики да добие Србија.

Попладнево извештајот во собранието ќе го презентира и евроамбасадорот Михалис Рокас.