Македонија
7. May 2017 - 15:01

Една жртва и двајца повредени во сообраќајна несреќа во Охрид

Дваесетгодишно момче од Охрид го загуби животот во сообраќајна несреќа што рано утрово околу пет часот се случи на регионалниот пат Св.Наум - Охрид, во близина на Хидробиолошкиот завод.

Од добиените повреди на  местото на несреќата починал Дејан Т. (20), додека тешки телесни повреди добил Р.Д. (25), исто така од Охрид. Поради сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен на хируршкото оделение во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување. На истото оделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид.

Несреќата се случила кога трите лица со возило „опел корса“ се враќале кон градот, при што Р.Д. кој го управувал автомобилот изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во рабникот од патот, а потоа и во електричен столб. Од ударот возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента.

На местото на сообраќајната несреќа извршен е увид во присуство на Јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот сообраќајот се одвиваше по една сообраќајна лента.