Македонија
26. January 2025 - 17:06

Трогателен хуман гест на 18 годишниот Андреј О. Зрновци

Несекојдневен, но исклучително хуман чин на 18 годишниот Андреј Ангелов од с. Зрновци, кој го фати светиот крст на Водици, а ваучерот реши да го донира на семејството на убиената Емилија од Штип. Андреј пред 3 години поминал низ лична семејна трагедија, кога прерано починала неговата мајка и од тогаш се заветил дека кога ќе биде во можност, ќе работи во име на хуманоста.

- Имав претчуство, реков, јас оваа година ќе го фатам крстот и наградата ќе ја донирам. Целата храна која ја собравме како награда што одевме по куќите и ја добивавме од луѓето, решивме да ја донираме на едно семејство на кое навистина им е потребна. Ова е прв мој хуманитарен гест, се надевам дека ќе имам можности и сила да продолжам, изјави Андреј Ангелов

Преку штипска хуманитарна организација беа обезбедени апарати за домаќинство и средства за хигиена, а ќе следува и реновирање на дел од куќата.

- Собата во која Емилија живеела, која е во многу лоша состојба, ќе биде комплетно реновирана и ќе биде ставена во функција за детенцето на Емилија., изјави Александар Ѓорѓиевски, хуманитарец

Таткото на убиената Емилија вели дека, ова е од големо значење за семејството, бидејќи факт е дека се сиромашни и не можат да си обезбедат подобри услови за живот.

- Досега никој не е дошол да не види, ни се случи трагедија, ќерка изгубивме на 29 години. Од срце благодарам на ваквите луѓе и да ги има повеќе во македонија, да помагаат, изјави Слободан Пешев, таткото на Емилија

Емилија беше убиена на 1 ноември минатата година, во близина на нејзиниот дом и зад себе остави малолетно дете за кое ќе се грижат нејзините родители.