Бизнис
11. April 2023 - 11:27

ДЗР го објави ревизорскиот извештај на АД МЕПСО за 2021 година

Неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, изразија ревизорите во извршената ревизија на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на АД МЕПСО за 2021 година и влијанието на енергетската криза во работењето.

Притоа, ревизорите утврдиле дека дадените препораки на Овластениот државен ревизор во извештајот од спроведената ревизија на регуларност за 2016 година кои се однесуваат на ИТ Стратегијата и на воспоставените ИТ контроли на системите во најголем дел не се спроведени што има и понатаму влијание и присуство на  високи ризици во ИТ финансиските процеси на работењето на друштвото.

-Иако надлежните служби во континуитет преземаат активности, не е извршено целосно потврдување на состојбата на земјиштето евидентирано во трговските книги при што постојат разлики помеѓу сметководствената состојба, фактичката состојба и имотните листови. Со ревизијата е утврдено дека постои неусогласеност во бројот на далекуводи и трафостаници евидентирани кај надлежните оддели во АД МЕПСО Скопје и со податоците во сметководствената евиденција и тоа трафостаниците кои требало да бидат во заедничка сосопственост на АД МЕПСО Скопје и ЕВН Македонија АД, според издадените имотни листови се впишани во сопственост само на ЕВН Македонија АД. Иако АД МЕПСО Скопје прави напори за нивен упис врз основа на Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија, од страна на Агенцијата за катастар на недвижности до периодот на извршување на ревизијата не е извршен нивен упис во имотните листови на друштвото, се констатира во ревизијата .

Дополнително, се додава, со извршениот увид во имотните листови, ревизорите утврдиле дека за две трафостаници е запишано право на залог (хипотека) за износ на побарување од 77 милиони евра на ЕБОР како носител на право (доверител), при што хипотекарен должник е запишана ЕВН АД Македонија, како носител на право (сопственик). Поради не потврдено правото на сопственост на АД МЕПСО Скопје, одлуките во кои постои ризик за отуѓување на средствата над кои е воспоставена хипотека, се носат без негова согласност.

-Оваа состојба има влијание на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје. Во ревизорскиот извештај е нотирано дека 30 отсто од материјални средства во подготовка или 428.352 илјади денари претставуваат инвестирани средства во периодот од 2005 до 2019 година во опрема, консултантски услуги, платени провизии за одобрување на заемите и неповлечени средства за заеми по проекти, за кои поради недостаток на информации не се соодветно поврзани со вложувањата во конкретно средство. Овие материјални средства во подготовка не се ставени во употреба, што влијае на трошоците за амортизација, а со тоа и на остварениот  финансиски резултат, се констатира во извештајот.

АД МЕПСО Скопје за финансирање на инвестиционите активности како изградба на трафостаници и далеководи, ревитализација на далеководна мрежа користи средства од повеќе кредитни линии, по основ склучени договори за заеми од меѓународни финансиски институции. Најголем дел од долгорочните заеми се реализирани (повлечени) со над 90 отсто, освен заемот од ЕБОР од 2015 година, кој е наменет за реализација на проектот за  Интерконекција Македонија-Албанија - Фаза 1. Овој заем  е одобрен на вкупен износ од 37 милиони  евра, а заклучно со 31 декември 2021 година повлечени се 2,9 милиони евра, односно само 8 отсто. 

-Со извршената ревизија констатиравме дека во 2021 година по основ на отплата на камати за повлечените долгорочни заеми евидентирани се расходи во износ од 32.404 илјади денари, а за неповлечените кредитни средства пресметани и евидентирани се провизии во вкупен износ од 12.835 илјади денари, се посочува во ревизијата.

Во 2021 година, како резултат на енормното зголемување на цената на електричната енергија на европските берзи, недоволното производство на електрична енергија од домашните производители и недозволеното преземање на електричната енергија од електропреносниот систем од страна на Балансно одговорните страни (БОС), се додава, придонело побарувањата и приходите на АД МЕПСО Скопје остварени од трговците на електрична енергија (ЕЕ) – Балансно одговорни страни (БОС), по основ на надомест за отстапувањата/дебаланси за преземената ЕЕ од електропреносниот систем во 2021 година да изнесуваат 4.210.704 илјади денари или 68,5 милиони евра, што претставува пет пати поголемо остварување во однос на 2020 година, кога истите изнесувале 841.792 илјади денари или 13,7 милиони евра.  

-Во услови на зголемување на цената на ЕЕ, дел од трговците – БОС континуирано ја намалувале набавката на ЕЕ од отворениот пазар и ја користеле балансната енергија на АД МЕПСО Скопје за снабдување на своите потрошувачи. Ова предизвикало драстично зголемување на трошоците на АД МЕПСО Скопје кон европскиот електропреносен систем. Исклучително големи отстапувања/ дебаланси се направени во месец октомври 2021 година, поради што од страна на  АД МЕПСО Скопје фактурирани и наплатени се 77,8 милиони киловат часови од производителот на електрична енергија - АД ЕСМ Скопје во вкупна  вредност од  25 милиони евра без ДДВ. Ова е резултат на тоа што АД ЕСМ Скопје не успеал да ги реализира планови за производство на ЕЕ, поради што е повлечена електрична енергија од системот на европската мрежа, со што за АД МЕПСО Скопје е создадена обврската кон европскиот електроенергетски преносен систем во иста вредност од 25 милиони евра, е констатирано во извештајот од ДЗР.

Дополнителна причина која довела до настанатата состојба, се посочува во извештајот, е воспоставениот начин на информирање за трговците – БОС, кои недозволеното презеле електрична енергија од електропреносниот систем, бидејќи податоците кои се добиваат од МЕМО ДООЕЛ, преку Електродистрибуција ДООЕЛ пристигнуваат по 45 до 60 дена задоцнување, поради што АД МЕПСО Скопје не е во можност да изврши брза интервенција и навремено преземање на мерки кон трговците – БОС.

-Имајќи го во предвид целокупното влијание кое го предизвикува недостигот на електрична енергија врз економска состојба во државата, во ноември 2021 година Владата донела Уредба со која е трговците - БОС биле ослободени од обврската за зголемување на банкарските гаранции по основ на склучените договори за балансна одговорност, а АД МЕПСО Скопје потпишал договори за репрограмирање на нивните доспеани, а ненаплатените долгови. Во декември 2022 година, побарувањата по основ  на склучени договори за репрограмирање за повлечена електрична енергија од електропреносниот систем изнесуваат 883.802 илјади денари или над 14 милиони евра, при што во ревизорскиот извештај се укажува дека постои ризик и неизвесност од нивна наплата, велат од ДЗР.

Прецизираат дека во 2021 година, за дел од побарувањата по репрограмирани договори од БОС и за казни и штети поради прекин на испорака на договорената електрична енергија во износ од 15 милиони евра, направено е вредносно усогласување. Во текот на 2022 година, наплатен е дел од побарувањата во износ од 1,2 милиони евра.

-Со ревизијата е утврдено дека во 2021 и 2022 година постојат големи порамнувања на отстапувањата од планираните количини на електрична енергија кај АД МЕПСО Скопје. Овие отстапувања треба да се јавуваат само во исклучителни ситуации и нивната појава создава голема неизвесност во планирањето и остварувањето на приходите и расходите по овој основ и одржување на потребната ликвидност на парични средства, како и одржувањето на балансниот механизам. По тој основ расходите за остварен вишок на електрична енергија од Универзален снабдувач на АД МЕПСО Скопје во 2021 година изнесуваат 158.817 илјади денари без вклучено ДДВ, додека остварените приходи од Универзалниот снабдувач изнесуваат 412.404 илјади денари без ДДВ, истакнуваат од ДЗР.

АД МЕПСО Скопје во периодот од 2019 до 2021 година има склучено договор со АД ТЕЦ Неготино кој се однесува за обезбедување на електрична енергија во случај на загрозување на сигурноста во снабдувањето, хаварии или поголеми отстапувања на потрошувачката на електрична енергија од предвидените количини во електро-енергетскиот систем.

-Предвидено е АД ТЕЦ Неготино да ја чува расположливата моќност на термоцентралата само за потребите на АД МЕПСО, Скопје, за кој период се исплатени вкупно 531.998 илјади денари со вклучен ДДВ, од кои 219.778 илјади денари се исплатени во 2021 година. Иако финансиски била потпомогната термоцентралата ТЕЦ Неготино, при појавата на енергетската криза во октомври 2021 година, не е извршено нејзино  активирање за производство на електрична енергија, прецизираат од ДЗР.

За балансирање на  електроенергетскиот систем (ЕЕС) , нужен услов е вкупниот влез на електрична енергија во системот да биде еднаков на вкупниот излез. Просечната годишна потрошувачка на електрична енергија во државата, во последните пет години изнесува околу 7,430 гигават часови при што најголемо учество во вкупната потрошувачка со над 65 отсто има потрошувачката на домаќинствата и уличното осветлување.

-Според прогнозите на АД МЕПСО Скопје во периодот од 2025 до 2030 година адекватноста на системот во поглед на енергија ќе се задоволи со значителен увоз од околу 55 отсто од вкупните потреби на електрична енергија од причини што производството на електрична енергија се очекува да биде на ниско ниво од околу 3.600 гигават часови поради намалување на работењето на РЕК Битола. Со активирање на централи од обновливи извори на енергија како и гасни електрични централи увозот на електрична енергија би се намалил. Поради порастот на потрошувачката на електрична енергија, потребни се проекти за големо производство на електрична енергија во државата, истакнува ДЗР во ревизијата за работењето на МЕПСО за 2021 година.