Џафери: Важно е ЕУ да не го измести фокусот од Западен Балкан и да не ја одлага интеграцијата
Проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што не мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи во предвидените рокови, чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата. Верувам дека како држави покажавме дека можеме да се носиме со предизвиците од процесот на интеграција со што потврдивме дека сме сериозни партнери во овој заеднички проект, рече претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери во обраќањето на 11. Состанок на спикери на парламентите на земјите од Југоисточна Европа за проширувањето на ЕУ во Будимпешта организирана од унгарскиот Парламент.
Како што соопшти собраниската прес-служба, тој посочил дека поминаа повеќе од 20 години од првиот самит во Солун на кој се заклучи дека сите земји од Западен Балкан ќе бидат дел од Европската Унија, по исполнувањето на Копенхашките критериуми. Република Северна Македонија, потсети Џафери, донесе тешки одлуки, имајќи ја предвид иднината на земјата и благосостојбата на нашите граѓани. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија беше начин за градење на доверба во решавање на билатералните прашања и ние бевме и остануваме и понатака посветени на неговата имплементација. Џафери при тоа спомена дека непосредно пред доаѓањето во Будимпешта беше домаќин на претседателот на Народното собрание на Бугарија, Росен Желјазков, инаку, нивна трета средба годинава изразувајќ очекување дека посетите ќе продолжат во иднина, затоа што, вели, „на тој начин испраќаме пораки за поголема парламентарна соработка, спремност за отворен разговор и внесување на нови, свежи текови во политиката меѓу нашите две соседни земји“.
-Како земја-кандидат за членство во Европската Унија, Северна Македонија верува дека институциите на Унијата ќе ја одржат перспективата на проширување со сите останати земји-кандидати, како кредибилен и визибилен процес базиран на заслуги. Oсобено е важно ЕУ да не го измести фокусот од Западен Балкан и да дејствува како кохезивна регионална сила, и да не ја одлага интеграцијата на делови од сопствениот географски регион, нагласи Џафери во обраќањето на форумот на кој присуствуваше и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.
Тој посочи меѓу другото дека финалната фаза на процесот на пристапување на Република Северна Македонија, кој трае веќе 17 години, е започната и за нас е особено важно да продолжиме да напредуваме на европскиот пат.
-Имајќи ги предвид актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот, особено променетите геополитички околности, потребата од забрзување на евроинтеграциите на државите од Западниот Балкан е од огромно значење. Во однос на конкретните евроинтеграциски чекори, во тек е завршувањето на фазата на скрининг на нашето законодавство, и констатирано е високо ниво на усогласеност со европското законодавство. Скринингот не е само техничка операција, туку е трансформативен процес кој се однесува на сите сегменти на општеството, подвлече спикерот на Собранието.
Тој се осврна и на потребата од усвојување на уставните измени за продолжување на европскиот пат на земјата.
-Процесот на уставни измени како услов за одржување на втората меѓу-владина конференција со Европската унија и отворањето на преговарачките кластери треба да се заокружи во текот на оваа година. Сметам дека сега е вистинското време за сите политички партии кои се залагаат за евроинтеграција, да ја демонстрираат својата посветеност и на дело, порача Џафери.
Тој ја поздрави континуираната помош на ЕУ за поддршка на реформите преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и актуелно новиот План за раст за Западен Балкан, како главни извори на финансирање, со примарна цел за поддршка на економскиот раст и значително забрзување на социо - економското приближување и интеграција во единствениот пазар на Унијата пред членството, доколку се исполнат потребните услови.
-На крајот оптимистички го оценувам позитивниот моментум и зацртаниот рок за понатамошно проширување на Европската унија до 2030 година со земјите од Западен Балкан, рече Џафери кој изрази благодарност до домаќинот на настанот претседателот на унгарското Национално собрание Лазло Ковер, оценувајќи го како уште еден доказ за напорите што ги прави Унгарија во изминатите децении за целосно европско интегрирање на земјите од Западен Балкан.
Ново на Сител
-
Посебен режим на сообраќај во Скопје
-
Британски суд осуди албански државјанин, кој извршил грабеж и во вилата на фудбалската ѕвезда, Рахим Стерлинг
-
Бомбата за Раде Штекли најавена на „тикток“ | ВИДЕО
-
Во петок дожд и снег на планините, за викендот стабилно и студено време
-
На посиромашните земји им требаат трилион долари годишно до 2030 година поради климатските промени
-
Пронајден кокаин, марихуана и две дигитални ваги кај 26 годишна девојка во Аеродром
-
Отишле на лов па го застрелал од пушка за која немал дозвола, уапсен 54 годишник во Штип
-
Андоновски: Корупцијата не смее да ја загрози дигиталната безбедност