Македонија
7. April 2019 - 17:26

Џафери се обрати на 140. Собрание на ИПУ

Во минатото имавме многу бурни периоди, за жал и воени судири кои во голема мера се темелеа токму на непочитување на човековите права и слободи, на многу предрасудии стереотипи, за жал присутни и во образовниот процеси. Денеска, заедно со нашите соседи, преку заеднички комисии работиме на тоа тие предрасуди, стереотипи и извитоперени историски дејства да ги отстраниме од учебниците и образовниот процес. Мислам дека ова ќе биде добро, не само за регионот туку и пошироко, а и тука националните парламенти може да имаат многу позитивен и конструктивен пристап.

Ова денеска го истакна претседателот на Парламентот Талат Џафери, кој се обрати на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија на тема „Парламентите како платформи за зголемување на едукацијата за мир, безбедност и владеење на правото“ што се одржува во Доха, Катар.

Како што информира собраниската прес-служба, Џафери нагласил дека сите заедно даваме вистински придонес образовниот процес на регионално ниво, а и на глобално ниво, да обединува.

Претседателот Џафери се осврнал и на состојбата со едукативниот систем во нашата држава.

– Кај нас, според законот, образованието до ниво на средно образование е задолжително и секако бесплатно. Имајќи предвид дека ние сме мултиетничко општество, за најголемите етнички заедници, македонската и албанската, имаме обезбедено целосен образовен процес на мајчин јазик. Што се однесува до помалите етнички заедници како што се на пример ромската, турската, српската и други, државата обезбедува учениците минимум основното образование да го следат на мајчин јазик, а во некои случаи имаме обезбедено и средно образование на мајчин јазик, соопштил Џафери.

Според него, интенцијата е преку образовниот процес, младите покрај својата кутура, јазик и традиција, да се запознаат и со културата на другите. Тој нагласил дека заедно градиме едно општество за сите, но не преку процесот на асимилација, туку преку еден современ едукативен систем.