Џафери од Украина: Онемен сум и бесен
Усвојувањето на „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“ на 3 март во нашето Собрание, како и ко – спонзорирањето на резолуции и иницијативи кои бараат Русија веднаш да престане со употреба на сила во Украина и да ја повлече својата војска ја потврдуваат нашата цврста, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност со украинскиот народ, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Како што соопшти собраниската прес-служба, тој потсети дека Република Северна Македонија ја поддржа и Одлуката за суспендирање на Русија од Советот на Европа.
– Лично ќе се заложам за што поскоро усвојување на одлуки за помош и поддршка на Украина. Фактот што сум во Украина, им дава уште поголема тежина на моите активности како претседател на законодавниот дом кој што е седиште на демократијата и институција во која се донесуваат клучни државни одлуки. Дополнително, се приклучивме кон сите рестриктивни мерки и санкции на Европската унија кон Руската Федерација, иако не сме членка на ЕУ, нагласи претседателот на Собранието.
Џафери потенцираше дека актот на агресија уште еднаш потврдил колку е значајно проширувањето на Европската Унија за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на Европа.
– Благодарност до сите борци за слобода во Украина што во воени услови ни овозможија безбедно да допатуваме во Украина и што го делат лебот со нас. Иако имам тешкотија да ве погледнам во очи, ќе ви посакам да сте силни и истрајни до слобода на Украина и украинскиот народ, истакна претседателот на Собранието.
Тој упати искрено и најдлабоко сочувство до децата, родителите, жените и мажите кои ги изгубија најмилите.
-Денес сум Украинец. Се извинувам за прекршувањето на протоколарната рамка почитуван претседателе на Украина, г. Зеленски и почитуван колега Стефанчук, но, онемен сум и за она што сакам да го кажам, доволна ми е една минута. И покрај тоа што сум војник, и покрај свежите сеќавања од војните на Балканот. Онемен и бесен. Бесен на човештвото што дозволи да сме неми сведоци на војна за која што верувавме дека е дел од историјата. Растревожен сум од бројот на гробови чии леи не ги догледува човековото око, а видов само дел во Буча и Ирипин. Бесен што светот нема доволно силен глас да и каже стоп на оваа безумна инвазија.
Тој во Украина допатувал со воз преку Полска во раните утрински часови на покана на претседателот на украинското Собрание Руслан Стефанчук.
Ново на Сител
-
Возач со „БМВ“ во Чаир фатил малолетник за рака и го влечел по коловозот
-
13-годишно девојче во Аеродром била физички нападната од четири малолетнички
-
Директорот на ФК „Слога“-Виница тепал фудбалер на противничката екипа пред почеток на натпреварот
-
Завршена јавната набавка за инсулин, потпишан договор за две години, информира Таравари
-
Ребаланс на Буџетот кон крајот на јуни
-
Во сообраќајка загина 33-годишен мотоциклист од Кичево
-
Мицкоски најавува средба со семејствата на настраданите во пожарот во Кочани
-
Поевтинуваат горивата