Македонија
24. February 2022 - 10:40

Џафери: Нема да свикам Комисија за уставните судии

Собранискиот спикер Талат Џафери го одби барањето на опозицијата да ја свика Комисијата за избори и именувања за утврдување на предлози на 4 уставни судии. Тој вели дека не може да ја свика седницата без да биде вратен соодносот на власта и опозицијата во Комисијата. Имено, по промената на страните на Алтернатива и БЕСА во владината коалиција, во оваа комисија мнозинството го доби опозицијата со пратеникот н БЕСА Фадил Зендели. 

Според Џафери ваквиот распоред во Комисијата е спротивно на Деловникот односно член 20 и 108, каде е утврдено кој да го има мнозинството во работните тела.

-Зошто Зендели си даде оставка од потпретседателското место во Парламентот? Бидејќи деловникот утврдува од чии редови се потпретседателите. Така е и во Комисијата. Укажувам на секоја координација да се врати соодносот, очигледно тоа го гледаат како дневнополитичка калкулација, и јас во тоа не можам да се мешам, но во крајна инстанца ја попречува функционалноста на Собранието и спротивно на интересот на граѓаните, рече Џафери на денешната координација со новинарите. 

Тој вели дека секако ќе го спроведе Деловникот и ќе го поврати соодносот во ова работно тело иако тој не сакаше да каже дали ова значи разрешување на Зендели или пак назначување на нов член.

- Ќе го спроведам Деловникот независно кој како ќе се чувствува по тоа, потенцираше Џафери.

Катерина Нешкова