Доцни жетвата на оризот – квалитетот задоволителен, цените ниски
Репроматеријалите се поскапени, како и другите култури: пченката, пченицата, јачменот, само оризот уште „тапка во место“, се жалат оризопроизводителите. Годинава е многу тешка и мачна, жетвата доцни, комбајните поради интензивните врнежи што ја зафатија земјава не можат да влезат на нивите. Квалитетот на родот задоволува, но цената е ниска. Откупувачите потврдуваат дека цената на оризовата арпа е ниска, максимум 20 денари и не може да ги покрие производните трошоци. Според нив, проблемот е пазарен.
Науката е децидна – дека и покрај проблемите, оризот останува една од нашите водечки култури.
– Цената на арпата е катастрофална и моментно изнесува 18 денари, а треба да биде најмалку 25 зашто се е поскапено: и пченката и пченицата и јачменот. Пченката сега е 18 денари, а трошоците на оризот и пченката се неспоредливи. Владата вети поддршка и ќе биде добро ако тоа го испочитува до крај. Но, мислам дека е најдобро поддршката да се исплати по произведен килограм, не по хектар, зашто има луѓе кои не можат ни за субвенции да аплицираат ако се земе предвид дека немаат своја површина до пет декари, што е всушност еден од основните услови. Тие што ќе земат?, вели Ванчо Гицев, регистриран земјоделец од Кочани, сопственик на 12 хектари ориз.
Според него, лани арпата беше 24 денари.
– Трошоците се многу високи, а со откупната цена не ќе можеме да ги покриеме. Во моментов е страшно и да се влезе со комбајн на нивите поради обилните дождови. Годината за жнеење е многу тешка, потешка не била последнава деценија, а цената е ниска иако квалитетот задоволува. Во време на КОВИД нафата е веќе 70 денари и се друго отиде нагоре, само оризот остана на најниско ниво. Засега побарувачката е намелна зашто има големи увезени количини од Грција, пазарите во Србија и Косово се задоволени со грчки ориз, Црна Гора има шпански ориз, а нашиот кочански го нема никаде. И брендот ќе исчезне, истакнува Гицев.
Тој додава и дека некои од откупувачите веќе ги отворија вратите, а некои уште не.
– Жетвата обично завршува до крајот на октомври иако имало години кога траела и до 15 ноември. Ќе доцни 20-на дена, а тоа може да значи некаква загуба, пад на рандманот зашто имаше и мразови. Сепак, цената подолу од ова што е сега не може да падне. Приносите се задоволителни, кај мене во просек се околу 600-700 килограми. Од лани арпа немам, продадена е, нагласува производителот на ориз од Кочани.
Љубе Новаков, земјоделец од селото Горни Подлог, за годинава вели дека е подобра од претходната.
– Со родот сме задоволни, но со цената не. Се надевамне дека ќе ни помогне државата зашто нафтата е 70 денари литар, а вреќа ѓубре сега оди над 1.200 денари. До пролет може да достигне 1.500, а лани беше 650-700 денари. Всушност, поддршката од државата ќе ја дадеме само за ѓубрето, за нас нема ништо да остане. Цената на арпата е 15-20 денари, а нам најмногу ќе ни се исплати да биде најмалку 30 денари. Нема да опстанеме ако продолжи вака работава. Мора нешто да се преземе. Или цена или државата да не дотира, дали со нафта или со ѓубре. Добиваме „зелена нафта“ ама тоа е минимално, по два килограма на декар. Што се два килограма? Па ја толку трошам само до нивата кога одам, вели Новаков.
И земјоделецот Ванчо Јосифов од Горни Подлог напоменува дека цената на оризот е премногу ниска.
– Ситуацијата никако не може да се стабилизира. Работиме од година за година. Сега ова ќе го продадеме за да го платиме ѓубрето од лани и нафтата што сме ја земале. Ако остане за нас, ќе подмириме струја и вода. Инаку, ориз имам 650-700 килограми на декар или 6,5-7 тони на хектар. Цената уште не се знае, зависи од арпата, колкав ќе биде рандманот. На 43 отсто рандман, велат ќе биде 20 денари, нагласува Јосифов кој освен ориз, произведува и овошје, пипер и пченка.
Откупувачите во меѓувреме го прибираат родот, го складираат, зашто голем дел од земјоделците нема каде да го чуваат.
– Очекуваме откупот да почне за десетина дена. Поголем дел од количините се уште не се ожнеани, па не знаеме и каков ќе биде квалитетот. Цената на арпата што досега се откупуваше е 17-20 денари. Свесни сме дека цената е ниска зашто и ние сме земјоделци, и ние имаме наше производство. Цената не ги покрива трошоците. Причината е пазарот. Цените секаде се ниски, во Грција, Италија и ние не можеме да бидеме конкурентни. Во Грција цената на арпата е 13-15 денари, но имаат високи приноси, па се покриваат. Качена е цената и на репроматеријалите, ѓубрето, препаратите, велат откупувачите и дополнуваат дека тие, за разлика од земјоделците, имаат плус трошоци, за работна рака.
Извозот е главно во Србија и Косово, но нешто се продава и во Шведска.
– Кочанскиот ориз таму традиционално се извезува. Лани имавме пласман и во Турција. Турскиот пазар обично бара поголеми количини од сортата „камео“, информираат откупните компании.
Според нив, договори со производителите се прават, но во моментот кога ќе го донесе оризот.
– Инспекторите само по нас „викаат“, но треба малку да ги „подберат“ и земјоделците. Значи, не е како кај тутунот, прво договор, па потоа ќе се сее, од таа сорта – толкава количина. Кај нас тоа уште не е ставено во ред, потенцираат откупувачите.
Тие се соочуваат и со недоволно работна сила. Велат дека и порај солидните плати што ги нудат, до 30.000 денари, фабриканти нема.
Професорката на Земјоделскиот институт, Даница Андреевска, предупредува дека е можно, поради врнежите, за некој степен да падне и квалитетот на оризот.
– Оризот останува една од водечките култури во земјава и покрај тешките производствени услови и климатските промени со кои се соочува. Сега сме на крај од една вегетациска година, 2021, мачна година како за производителите, така и за откупувачите и за трговците. Седибата доцнеше поради климатските промени. Во текот на вегетацијата имаше многу сушен период, но и покрај тоа што беше потрошена акумулирната вода во браните, годината заврши успешно. Проблеми настанаа во октомври, месецот кога се жнее оризот. По долготрајниот сушен период, во октомври паднаа голема количина врнежи, кои и тоа како ја отежнаа жетвата, посебно механизираната жетва. Проблемите се резултат на врнежите зашто оризовите полиња имаат голема влажност, па со врнежите повторно се наполнија со вода. Тоа го отежнува влегувањето на комбајните и тракторите. Најголем проблем е изнесувањето на родот од површините зашто почвата е мочурлива, каллива, а механизацијата е тешка, објаснува професорката.
Науката покажува дека со секој дожд, квалитетот на арпата се намалува.
– Сепак сметам дека може да се задржи до 50 отсто рандманот (процентот на цели зрна). Додека цената на голем дел од другите култури се зголеми, цената на оризот остана многу ниска. Исто така, репроматеријалите, пестициди, нафта, ѓубрива, се поскапени, а откупната цена на оризот неколку години е иста, околу 18-22 денара по килограм арпа или за белиот ориз до 35 денари. Ако цената на арпата е 15 денари, тогаш не може да ги покрие трошоците на производство, почнувајќи од сеидбата, репроматеријалите, ѓубрето, пестицидите, а сега и отежнатата жетва. Приносот на арпа во просек е 6.300 килограми на хектар, слично како европското ниво. Но, за да се добие бел, консумен ориз, арпата (суровото зрно) подлежи процес на доработка. Во консумниот ориз влегуваат целите и кршените зрна. Од 100 килограми арпа ако се добијат 50-55 килограми цели зрна бел ориз тоа е супер квалитет. Рандманот зависи од сортата, агротехниката, климатските услови, температурата, врнежите,…, нагласува Андреевска.
Процесот на селекција и создавање нови сорти ориз е скап. Според професорката, тоа треба да го финансира државата.
– Порано тоа се финансираше преку Министерството за образование и наука, а сега такви проекти нема. Нашите сорти, како кочанскиот и „осоговката“ ги чуваме во ген-банката на Институтот. Доминантни сорти во производството се италијанските и труските како „халил беј“ која е доста приносна. Доминира и „сан андреа“, иако земјоделците, поучени дека е со долга вегетација и при вакви врнежи може да им киксне во приносот и квалитетот, упорно ја сеат. Велат дека ја бараат откупувачите. Можеби проблемот е во семињата со кои располагаат, посочува Андреевска.
Таа напоменува дека кога станува збор за оризот, се соочуваме и со проблем со производството на семе.
– Сертифицирано семе немаме. Можеме да произведуваме семиња од високи категории. Се надевам дека државата ќе излезе во пресрет и ќе финансира вакви проекти – ако не можеме да создаваме семе по пат на хибридизација и селекција, да истражуваме нови сорти ориз со пократка вегетација, кои ќе бидат соодветни на климатските промени, дополнува професорката.
Премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на 28 септември годинава одржаа средба со претставници на оризопроизводителите од кочанскиот регион во Владата. Потоа, на 13 октомври, министерот Хоџа одржа уште еден состанок со оризопроизводителитe во МЗШВ. Договорено беше откупувачите да ја почитуваат откупната цена од 20 денари за килограм за сортата „сан андреа“ и 17 денари за килограм за другите сорти.
Речиси сите откупувачи до МЗШВ имаат доставено ценовник согласно овие цени, со ветување дека нема да одат под договореното. Министерот Хоџа им вети на оризопроизводителите дека лично ќе излезе на терен и ќе ја следи состојбата за да види дали се почитуваат договорените откупни цени.
Како дополнителна помош, од владината КОВИД-програмата се издвоени три денари поддршка за оризопроизводителите. Овие средства ќе бидат исплатени до 25 декември 2021 година.
Претходно во септември, производителите на ориз излегоа на протест. Со земјоделска механизација во селото Облешево го блокираа магистралниот пат Кочани-Штип, изразувајќи го незадоволството од ниските откупни цени на арпата и белиот ориз. Симболично, истураа и ориз. Побараа оризовата арпа да не се откупува под 25, а белиот ориз под 50 денари за килограм.
Ново на Сител
-
Претседателката Сиљановска Давкова го прими специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стјуарт Пич
-
ДСЗИ со вонреден инспекциски надзор за починатото седуммесечно бебе
-
Тошковски: Кривична пријава за поранешниот премиер и вицепремиер
-
Седуммечесно бебе почина на Детската клиника
-
Финансиски соработник во СОЗР осомничен за злоупотреба на службената положба, 23 други лица осомничени за прикривање
-
Сијарто: На Украина и треба примирје, а не дополнително вооружување
-
Совети за поцврста врска
-
Горивата поскапуваат од половина до еден денар по литар