До Регулаторната комисија за домување 205 барања за посредување во спорови
Се намалува бројот на заедници на сопственици на станови и деловни простори, а се зголемува ангажирањето управители. Податоците на Регулатората комисија за домување (РКД) покажуваат дека вкупно 7 115 станбени згради се управувани од управител или заедница на сопственици, а во целата држава има десет лиценцирани инспектори за домување.
Според Комисијата, во последните шест месеци има забележителен пораст на бројот на станбени згради управувани од лиценцирани управители и нивниот број сега изнесува 4 476 со вкупно 104 380 посебни делови односно станови и деловни простории, за разлика од втората половина од минатата година кога имало 4 367 станбени згради со вкупно 103 826 посебни делови. Тоа, истакнуваат од Комисијата, значи дека значително е зголемен бројот на посебни делови кои се управувани од страна на лиценцирани управители.
Од 1 јануари до 30 јуни годинава до РКД пристигнале 205 барања за посредување во спорови меѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови, како и барања за мислење. Од нив, 70 се доставени во писмена форма, а Комисијата предложила соодветни мерки, им ги доставила на инволвираните странки и се произнела со соодветни мислења за примена на одредби од Законот за домување. Предложени се и мерки за предметите доставени по електронски пат, преку веб страната на Регулаторна комисија за домување.
Во првата половина од годинава, издадени се осум лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради и донесени се исто толку решенија на правни лица за продолжување на лиценцата за управител. Во овој период е донесено и едно решение за одземање лиценца за управител, а од 2010 година до јуни 2022 година одземени се вкупно 27 лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради.
Извештајот за работата на Регулатората комисија за домување за периодот јануари-јуни 2022, покажува дека едно правно лице ја вратило лиценцата за управител поради невршење дејност, а на четири правни лица им истекол рокот на важност на лиценцата.
Заклучно со крајот на јуни со дејноста управување со станбени згради активно се занимаваат шеесет правни лица. Во лиценцираните фирми се вработени преку 1452 лица, а преку договори за услуги од областа на управувањето (одржување хигиена, занаетчиски работи и слично) се обезбедува работа и за голем број вработени во фирми кои нудат услуги од ваков тип.
Лиценцираните управители имаат склучено договори за управувачки услуги само во 16 градови, па од овие причини, според Регулаторната комсија за домување, реални се очекувањата интересот на правните субјекти за добивање лиценци да продолжи и во наредниот период. Во Скопје, Битола, Охрид, Куманово, Прилеп, Тетово, Кичево, Струмица, Кавадарци, Гостивар, Штип, Велес и Дебар, бројот на склучени договори во 2022 година во однос на второто полугодие во 2021 година се зголемува, додека пак во Гевгелија, Кочани и Дојран се намалува односно нема склучени договори.
Според податоците од Централниот регистар, до средината на јуни годинава се регистрирани вкупно 2639 заедници на сопственици. Зголемен е бројот на згаснати заедници на сопственици и за овој период, според РКД изнесува 46. Најголем број од станбените згради кои ги згаснале заедниците на сопственици, имаат донесено одлука за ангажирање на лиценциран управител, па од РКД очекуваат овој тренд да продолжи и во иднина. Најголем број регистрирани заедници на сопственици има во општините на Град Скопје, како и во Кавадарци, Тетово, Битола и Охрид. Во Валандово, Дебар, Демир Капија, Дојран, Илинден, Јегуновце, Кратово, Македонски Брод и Пехчево се регистрирани од една до пет заедници на сопственици.
Согласно со Законот за домување, сопствениците на посебните делови на зградите се должни да определат управител или регистрираат заедница на сопственици, а градоначалниците на општините да назначат општински инспектори за домување.
Податоците на РКД добиени од Инспекцискиот совет покажуваат дека во државава има вкупно 10
лиценцирани инспектори за домување. Најголем број општини, како што наведуваат од Комисијата, немаат назначено инспектори за домување.
Ваквата состојба ја отежнува работата на лиценцираните управители, како и функционирањето на регистрираните заедници на сопственици, но истовремено се зголемуваат нерегуларностите од страна на управителите, за што укажува зголемениот број пријави и претставки од граѓаните.
-Сите прибрани информации од општините и граѓаните се показател дека присутноста на терен од страна на општинските инспектори за домување е дури незабележителна односно општинските инспектори за домување не се доволно ангажирани во процесот на спроведување на Законот за домување. Сето ова укажува на итна потреба од изменување и дополнување на Законот за домување, со цел ефективност и ефикасност на негова примена, наведува РКД.
Од Регулаторната комисија за домување потсетуваат дека општинските инспектори за
домување имаат законска обврска врз основа на Законот за домување да излезат на терен и
доколку утврдат дека во некоја станбена, станбено-деловна или деловно-станбена зграда се
уште нема регистрирано заедница на сопственици или нема ангажирано управител, можат и
се должни да преземат иницијатива и да достават предлог до судот во одделот за
вонпарнична постапка за донесување одлука за назначување на принуден управител од
страна на судот која ја заменува одлуката на сопствениците на посебни делови и договорот
за заемни односи.
-Врз основа на остварени средби и разговори има сознание дека ретко која од општините има востановено регистар на станбени згради и станови, како и регистар на управители на станбени згради, иако согласно Законот за домување имаат таква обврска, наведуваат од Регулаторната комисија за домување.
Ново на Сител
-
Со пакет од четири закони до департизација на јавниот сектор
-
Здравството пред колапс - Инфективна без доволно кадар
-
Дали дијабетичарите ќе останат без терапија?
-
Град Скопје ја објави програмата за Нова Година
-
Хуманитарна акција
-
Преглед на вестите од светот
-
СДСМ: Да се повлече законот за основно образование
-
МВР ги претставува резултатите од сработеното