Македонија
2. April 2024 - 16:49

До каде се ветувањата на надлежните за лекувањето на Леонид Индов и Јани Иванов?

Пропаднаа ли ветувањата за финансиска помош за Леонид Индов и Јани Иванов кои во моментот се на лекување во странски центри? Двете момчиња кои поради сериозноста на повредите не можат во македонски здравствени установи, со месеци се далеку од родните огништа. Но и покрај тоа што е наведено во конзилијарните мислења, досегашниот престој и на двете момчиња во Австрија и во Лариса,  семејствата го плаќаат благодарение на донациите од граѓаните. 

Таткото на Леонид на крајот на февруари поднесе жалба на одлуката на првостепената Комисија во Фондот која го одби лекувањето во Австрија. Конкретен одговор се уште нема. 

Второстепената лекарска комисија двапати ја разгледуваше жалбата за осигуреникот Леонид Индов, но бидејќи нема соодветен одговор на бараната понуда од страна на Центарот во Австрија, постапката е се уште во тек.  

На 06.03.2024 по изјаснување на претставник од ТОАРИЛУЦ дека е потребно вградување на стимулатор за дијафрагмата за на пациентот да му се олесни дишењето и би се намалила потребата од механичка вентилација, Комисијата побара стручно мислење од клиниката  за да може да се обратиме до центарот каде што моментално е сместен осигуреникот.

Фондот на 12.03.2024 се обрати Центарот во Австрија каде што е сместен осигуреникот, а на 14.03.2024 добивме одговор од Центарот на Австрија.

На 27.03.2024 г предметот за Леонид Индов повторно беше разгледуван на Второстепената комисија  на која што беше приложен и одговорот добиен на од странската установа. Комисијата го разгледа и утврди дека нивниот одговор не соодвествува со барањето од Фондот.

На 28.03.2024 повторно се обративме до странскиот центар од кој се уште немаме одговор. Со почит, велат од Фондот.

Таткото, на Јани, пак, вели незнаат уште колку финасии ќе имаат за продолжување на третманот во Лариса, каде иако е тешко и бавно, тој гледа напредок кај неговиот син. Васил бил на состанок кај министерот за здравство пред две недели, но досега ништо од ветеното. 

- На 28 пак го побарав министерот и тој ми рече на 29 ти ке те контактирам обавезно за да видиме што до каде е. Еве сега е 2 април и уште ме контактира, вели Васил Иванов, татко на Јани.

Одговор од здравство не добивме, а што вети министерот за здравство пред еден месец при гостувањето во Дневникот на Сител?

- Нема ниеден да се остави во неизвесност. Владата е со фамилијата на Индов, Владата е со фамилијата на Јани, подршката од Министерството за здравство ќе ја имаат во континуитет и ќе видите дека ќе се реши проблемот, апропо финасирањето, вели Илир Демири, министер за здравство (02.03.2024)

Системско решение и центар за вакви пациенти здравствените власти најавуваат за после изборите. А засега никако да проработи и апаратот за роботска рехабилитација во Козле кој го промовираа пред неколку месеци. Се уште чекаат референтна цена од Фондот за да биде наменет и за пациенти надвор од институцијата.

Леонид и Јани чекаат на надлежните институции, а хуманоста на граѓаните и понатаму е единствениот нивни пасош за третман во странските центри.