Свет
14. February 2018 - 9:08

До 2036 година цивилната авијација ќе има потреба од над 600.000 пилоти

 Растот на воздушниот сообраќај ќе ги принуди авиопревозниците во светот да вработат повеќе од 600.000 пилоти до 2036 година, што ќе биде предизвик со оглед на стареењето на населението, изјави претставник на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО).
 
- Бројот на патнички летови и патници се удвојува на секои 15 години, но работната сила во секторот се намалува, изјави генералната секретарка на Организацијата, Фанг Лиу, говорејќи пред Советот за меѓународни односи во Монтреал.
 
Таа истакна дека предизвикот за пронаоѓање соодветни кадри произлегува од неизбежното стареење на населението, намалувањето на стапката на наталитет, но и од тоа што идните таленти се привлечени од високотехнолошките сектори.
 
- Сето тоа значи дека цивилното воздухопловство треба да вложи повеќе напори за привлекување и задржување на квалификуваните работници што им требаат во наредните децении, предупреди Лиу.
 
ИЦАО, агенција на ОН, оценува дека до 2036 ќе бидат потребни најмалку 620.000 пилоти за да управуваат со авиони со 100 или повеќе седишта.
 
- Допрва претстои обука на дури 80 отсто од тие идни авијатичари, изјави Фанг Лиу.
 
Растот на воздушниот транспорт се објаснува со порастот на туризмот, но исто така и со онлајн трговијата, каде 90 проценти од пратките се пренесуваат преку воздух, за разлика од 16 проценти во 2010 година. Повеќе од 4,1 милијарди луѓе патуваат секоја година и една третина од размената на стоки во светот исто така се транспортира по воздух.