Македонија
6. May 2021 - 13:58

ДКСК отвора предмети за „скалите на Шилегов“ и претседателката на Судскиот совет и ја проширува истрагата за Рашковски

ДКСК има отворен предмет за градоначалникот на Град Скопје. Петре Шилегов за набавката на противпожарната скала и по него ќе се работи како и со сите предмети, но е неблагодарно е тој сам за себе да поднесува пријава со сомнежи за корупција, бидејќи тоа малку не соодвествува со одредбите во нашиот закон, информира на денешната прес-конференција претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со актуелните „скали на Шилегов“.

– ДКСК е независен државен орган и е неблагодарно да се вршат препукувања, со цел да се обезбедат одредени политички поени, затоа што во пресрет на локалните избори не сакаме да се доведиме во ситуација преку нас да се книжат одредени политички поени, рече Ивановска.

Прашана дали е отворен предмет за претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, Ивановска потврди дека и за овој случај ДКСК отворила предмет и се доставени барања за обезбедување документација, а процесот е во тек.

– Мора најпрво да се обратиме до претседателката да ни каже кои се членови на нејзиното семејство за да можат сите тие да бидат опфатени. Во анкетниот лист што таа го има доставено, нема матичен број на нејзиниот сопруг. Сега мора да чекаме матични броеви, тие броеви да се потврдат од МВР и понатаму да си одат постапките по ред, изјави Ивановска.

Катица Николовска, член на Комисијата по барање на новинарите да одговори до каде е предметот со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, информира дека имале средба со обвинителот што го води тој предмет во ЈО и се договориле се што ДКСК имаат обезбедено како документација да се достави до нив, а тие ќе продолжат со случајот.

– Нашите наоди ги проширивме и на други јавни набавки, а не само на набавката за софтверското решение. Набавките поврзани со самиот предмет, камери, сталци, подвижни кабини, има повеќе јавни набавки со што износот на средствата потрошени за тие договори е голем. Мислам дека стануваше збор за некаде околу 18 милиони денари, изјави Николовска.