Македонија
30. October 2025 - 16:33

Дистрибуиран гласачкиот материјал, во четири општини нема да се гласа

Гласачките ливчиња за вториот круг од локалните избори ја напуштија битолската печатница. Товарени во комби возила и камиони патуваат до 32 општини и градот Скопје каде во недела ќе има прегласување. Право да гласаат ќе имаат еден милион 13 илјади 357 избирачи бидејќи во нивните општини ниту еден од кандидатите не го доби потребниот број гласови за градоначалничката функција.

Во сабота право на глас имаат болните, изнемоштени, затвореници и лицата во домашен притвор. Нивните гласови, запечатени во коверти ќе ги добијат општинските изборни комисии кои по затворање на избирачките места во недела ќе ги додадат во вкупниот број гласачки ливчиња. За гласање во домашни услови, за вториот изборен круг пријавени се 4.826 лица.

По пребројувањето на гласачките ливчиња од првиот изборен круг, Државната изборна комисија утврди дека имало недоволен цензус во четири општини, па таму ќе биде спроведена нова постапка за избор на градоначалник. Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа, Маврово Ростуше се општините каде не беше исполнет цензусот од 33 отсто излезност.

Според изборниот законик, во овие четири општини изборите ќе се повторат по 60 дена од целосно завршување на локалните избори. Тогаш нема да важи условот дека на гласање треба да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи.

Изборите на 2 ноември ќе ги следат над 1.500 домашни и меѓународни набљудувачи.