Димитров: На Балканот му е потребна таргетирана дипломатија и зголемено внимание
Балканот, географски не е на европската периферија, туку на периферијата на политичкото внимание. Во моментот ни е потребна таргетирана дипломатија и зголемено внимание. Геополитиката се враќа на Балканот. Како и во природата, вакумот не се толерира, туку бара вклученост и ангажман.
Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров, во своето обраќање на Глобалниот форум во Варшава во ко-организација на Атлантскиот совет и Полскиот институт за меѓународни односи, во рамки на панел-дискусијата посветена на трансатлантизмот во ерата на глобална нестабилност.
Како што соопшти МНР, на форумот, на кој вчера и денеска покрај високите политички претставници, учествуваа и претставници на академски институции и тинк-тенкови активни во сферата на безбедноста, транс-атлантските односи и релевантни геополитички прашања, Димитров покрај освртот на местото на регионот во актуелниот геополитички контекст, укажал и на искуството на земјата во справувањето со кризата.
Тој нагласил, дека низ справувањето со кризата, една од лекциите што ги научивме е да ги сфатиме реформите и функционирањето на институциите сериозно.
- Нашиот случај може да послужи како поука за нашите партнери - ЕУ и НАТО што е апликативна за целиот регион: што се случува кога една земја е оставена предолго да чека зад затворени врати без перспектива. Ние мораме да се обединиме околу европските вредности, за да не ни заминат младите и најспособните во Европа, посочи Димитров.
Модалитетите за зајакнување на транс-атланското партнерство со цел надминување на растечките регионални и глобални безбедносни предизвици, поврзани со тероризмот, нелегалната миграција и организираниот криминал беа во фокусот на Глобалниот форум во Варшава во ко-организација на Атлантскиот совет и Полскиот институт за меѓународни односи.
Шефот на македонската дипломатија го искористи престојот во Варшава да оствари прва средба со министерот за надворешни работи на Полска, Витолд Вашчиковски.
Полскиот министер во изјава за јавноста по средбата, како што се наведува, го поздрави ангажманот на новата Влада на полето на внатрешната стабилност и добрите односи со соседите и потврди дека Полска ги поддржува напорите на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО.
Министерот Димитров оствари средби и со претседателот на Комисијата за надворешни прашања во полското Собрание (Сејм) Гжегош Схетина, со Дејмон Вилсон и Јан Бжежински од Атлантскиот совет и со директорот на Полскиот институт за меѓународни односи, Славомир Дебски.
На Форумот учествуваше и претседателот на САД Доналд Трамп, кој со тоа ја оствари својата прва европска посета, во Полска. Оваа година, ко-организатор на Глобалниот форум е Европската иницијатива на трите мориња (Балтичко - Црно - Јадранско Море), стои во соопштението од МНР.
Ново на Сител
-
Руски пливач исчезна при препливување на Босфор
-
Трамп: Америка ќе ја поддржи Украина, сакам таа војна да заврши
-
Истрага против 13 лица за даночно затајување, даночна измама и перење пари
-
ФФМ изрече казни за физичкиот напад во Штип
-
ОЈО бара притвор за таткото на играч на „Шкупи“ што физички нападна двајца младински фудбалери на „Брегалница“
-
Приведен 51-годишник од Охрид, испраќал недолични пораки и фотографии на 17-годишна девојка
-
На ГП „Табановце“ се чека 30 минути
-
Приведени пет дилери од скопје кај кои била пронајдена бела прашкаста материја и марихуана