Македонија
30. August 2017 - 13:30

Димитров: Членството во НАТО не зависи само од Македонија

Нашето зачленување во НАТО не зависи само од Република Македонија. Согласно формулата од Букурешт од 2008 година зависи и од Република Грција, а зависи и од тоа колку брзо ќе успееме да ги тргнеме дополнителните критики што ги добивме од Самитот во Варшава во делот на одговорност, владеење на правото и слобода на медиумите, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров во одговор на новинарско прашање дали очекува Македонија да влезе во НАТО до крајот на годината.

- Во основа ентузијазмот гради високи очекувања, меѓутоа и не турка напред. Затоа мислам дека клучното прашање не е толку кога, клучното прашање е дали сакаме ние како општество и како нација да си ја зацврстиме иднината. Во услови кога регионот е подразнишан многу е важно да си ја земеме судбината во свои раце и да направиме се што можеме што се однесува до нас за да одиме напред. Се надеваме дека тој момент ќе го препознаат и сите од коишто зависи ова прашање, изјави Димитров на маргините на конференцијата „Македонија кон целосно членство во НАТО“ што се одржува во Скопје.

На новинарско прашање под кое име ќе влеземе во НАТО, Димитров рече дека на првата посета на премиерот Заев во Брисел било јасно кажано дека Македонија согласно Времената спогодба е подготвена да прифати покана под привремената референца што се користи во ОН за да влезе во Алијансата.

- Тоа е и согласно со Времената спогодба, тоа е согласност со така како што Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја толкува времената спогодба. Убедени сме дека тоа ќе придонесе и кон создавање на поголемо разбирање и во нашата јавност бидејќи кога го блокирате својот сосед долги години реакцијата не е поголема конструктивност, реакцијата е дефанзивност и одбранбен став на накој начин. Сега тоа не зависи само од нас. Ние не сакаме да почнеме игра на обвинувања со Грција бидејќи нашето членство во НАТО во основа значи дека Грција треба во нас да гледа сојузник и ние во Грција треба да гледаме сојузник, изјави Димитров.

Посочи дека тоа е од прилика ставот и како ќе се движиме, а дали ќе успее или нема да успее ќе видиме.

- Треба да си ги вратиме старите пријатели, да создадеме нови пријатели, да ја зголемиме причината зошто нив треба да им е важно Македонија да успее и да влезе во Алијансата и да почне преговори со ЕУ и да ги убедиме соседите дека не сме проблем. И затоа мафтање со мапи на голема Македонија не ни помага како што не сакаме мапи на големи други држави. Сакаме само голема Европа. Сакаме територијата што си ја имаме да биде во овие граници, да биде еден дом на среќни луѓе, на луѓе што ќе живеат во услови на правда, тоа е во основа визијата што се роди. И народите и нациите, како и луѓето можат да влијаат врз својата судбина. Наше е да направиме се да си ги отвориме вратите, изјави Димитров.

Прашан дали некогаш разговарал со соседите за отворање на граничните премини, Димитров рече дека неодамна е потпишан протокол за граничен премин со Косово.

- Јас имав многу плодна посета на Албанија. Договоривме заедничка седница на двете влади што не се случила никогаш, нешто слично веројатно ќе има и со Србија, ќе имаме официјална посета на премиерот во оваа календарска година, со Косово сме во чести контакти – тие се во фаза на формирање влада. Видовте што направивме со Бугарија. Во основа Македонија станува, можеби поучена од лекцијата на нашата криза, станува една држава која што се обидува да го рашири, чувствува дека е време регионот да порасне, да мрдне напред одлучно и кон другите и се надеваме дека така сме препознатливи. Таков беше пристапот и како се справивме со овие на некои начин тубулентни неколку денови со Белград, изјави Димитров.