Македонија
17. September 2019 - 11:35

Денови на македонските музеи во Крива Паланка

Локалната установа Градски музеј- Крива Паланка со финансиска поддршка на Министерството за економија и општината го спроведува проектот „Денови на македонските музеи“, што ќе се одржи на 27 и 28 септември во градот.

-На првиот ден е предвиден работен дел на кој ќе бидат презентирани состојбите со локалните музеи, ќе бидат презентирани практики од соседните земји и ќе биде организиран форум за формирање мрежа на локални музеи. На вториот ден на манифестацијата, на платото пред градскиот музеј ќе биде организиран мини-саем на музеите, на кој ќе бидат презентирани, на мали штандови, промотивни материјали, сувенири, продукти и слично од локалните музеи, како и од градовите од кои доаѓаат, изјави Драган Величковски, директор на Градскиот музеј- Крива Паланка.

На настанот е предвидено да присуствуваат осумте локални музеи во државата: ЈУ „Музеј на град Скопје“, ЛУ „Народен музеј“, Велес, ОУ „Музеј на град Кратово“, ОУ „Народен музеј“, Свети Николе, ЛУ „Музеј на град Неготино“, ОУ „Музеј и галерија“, Кавадарци, ЛУ „Археолошки и историски музеј“, Виница и домаќинот, ЛУ „Градски музеј“, Крива Паланка.