Македонија
15. January 2025 - 16:45

Денеска завршува мерката „Новогодишна кошница“

Истече рокот на новогодишната кошница. Од утре на рафтовите ќе нема етикети „помалку трошоци, повеќе за тебе“. Министерството за економија ја оцени мерката како успешна, повикувајќи се на податоци од заводот за статистика дека трошоците за храна и пијалоци во декември се намалени за 0,3%.

„Се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во месец декември 2024 и месец јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка“.

Заменик министерот за економија денеска на состанок во стопанската комора разговарал со трговците цените да останат исти и понатаму, но засега нема детали дали тие се согласни да нема корекција. 

Од Организацијата на потрошувачи се надеваат дека нема да дојде до нагло зголемување на цените бидејќи нема реална причина за тоа. Бараат следните мерки да траат подолго од еден месец.

„Да бидат подолгорочни мерките и да бидат цените кои се од претходните месец, два наназад за да може да се почувствува дека навистина имаме простор за да кажеме дека прехранбените производи имаат пониски цени. И тоа да го почувствуваат граѓаните, секако, а не да мораат да одат од маркет до маркет каде што има акциска продажба за да можат да заштедат некој денар“ – Татјана Тасевска, Организација на потрошувачи на Македонија

СДСМ смета дека стандардот на граѓаните се влошува како последица од погрешните економски политики на власта. 

„Таканаречените „кошнички“ се покажаа како целосно промашување. Наместо да го олеснат животот на граѓаните, тие предизвикаа уште поголема скапотија и го срушија стандардот на граѓаните. Наместо да се намалат, цените на основните производи се зголемија. Зејтинот, јајцата, шеќерот, млечните производи, грашокот, гравот и леќата, се е поскапено“ – Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Според ВМРО-ДПМНЕ мерката дала резултат.

„Болката на СДС не е грижата за граѓаните, нивната грижа единствено е што не можат, како до сега, да крадат. СДС се тие кои што го зголемија ДДВ на храната, што доведе и до зголемување на цените на производите“.

Колку заштедиле домаќинствата со оваа кошничка ќе се знае за неколку дена по анализите на Економија, но и на синдикатите. Од тие податоци ќе зависи и како ќе се скројат рамазанската и велигденската кошничка.