Рокас: Интензивирани се дипломатските активности, власта да ја спроведе реформската агенда, а ние сме тука да асистираме
Властите да се фокусираат на реформската агенда, а ЕУ е тука да асистира. Евроамбасадорот Рокас не одговори конкретно дали се можни нови преговори со Софија, со оглед на тоа што Бугарија доби нова Влада, но вели дека интензивирани се дипломатските активности од македонска страна.
- Од наша страна, како Делегација на ЕУ, се фокусираме на асистирање на државата да ги имплементира реформите. Како што кажав и претходно, постои моментум, голем моментум, голема шанса во процесот на проширување. Премиерот веќе двапати беше во Брисел, во седиштето на ЕУ во декември. Значи, постои интензивна дипломатска активност. Но, тоа што се обидуваме да го направиме тука е, додека овие активности се случуваат е да помогнеме да се реши овој проблем. Ние се фокусираме на испорака на реформите, особено реформската агенда која беше одобрена од Владата, вели Рокас.
Пред повеќе од еден месец Движењето ЗНАМ поднесе Национална Платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии. Првиот човек на партијата, сега вели дека евентуалното носење на една ваква Платформа ќе биде долг процес, со оглед на тоа што потребен е консензус. Прво ќе треба да се убедат владините партнери, а потоа и опозицијата.
- Тоа ќе биде еден процес, нема да се случи преку ноќ, а потоа повторно ќе се обидеме да ѝ објасниме и на опозицијата дека таа Платформа е корисна и за државата и за сите нас, со којашто ќе се стави крај на некои проблеми коишто се влечат од минатото, и стереотипи ќе се надминат и заедно ќе се придвижиме напред. Имам разговарано на индивидуална основа, но сепак тие прецизни разговори ќе се случат на ниво на делегации во партиите, вели Димитриевски.
Платформата на ЗНАМ првично доби позитивен коментар од премиерот Мицкоски, но тој рече дека конечен став ќе биде заземен откако таа ќе биде разгледана.
Две од точките во неа се однесуваат токму на процесот кон влез во ЕУ. Во нив се вели дека никој не смее да разговара или преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен или надворешен план. Но и дека никој не смее да преговара, заговара или редефинира прашања поврзани за унитарноста, суверенитетот, македонскиот јазик, идентитет, национална историја.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар