Денеска нема да има нова цена на горивата, владата очекува пад на цените во следниот период
Денеска само во Хрватска и во Грција горивата се поскапи отколку во Македонија. Но, од регулаторна велат дека за неделава тоа беше се. Денеска не се исполнети предусловите за корекција на цените.
Од ноќеска на полноќ во земјава литар бензин чини 1,5 евра, а литар дизел 1,52 евра. Со ова земјава стана една од најскапите во регионот. Во Србија цените изнесуваат 1,45 и 1,51, во Албанија 1,52 и 1,51. Косово има неспоредливо најевтино гориво во регионот со цена од 1,04 евра за бензин и евро за дизелот.
Од земјите во регионот, членки на ЕУ, Бугарија и Словенија денеска продаваат поевтино гориво. Најскапа е Грција, веднаш по неа Хрватска.
Сепак, министерот Бектеши вели дека состојбата ќе се смени од понеделник кога цената на дериватите во земјава ќе почне да паѓа.
„Може да биде малку поскапо од Србија, од другите не верувам дека е поскап и дизелот. Денеска во Собрание најверојатно би требало да се усвои законот за ДДВ и законот за акцизи, а имајќи ги предвид и вчерашните цени на берзата и цената пред два дена, очекувам согласно анализите од утре, а многу е важно да се наведе дека веќе од понеделник ќе имаме не поевтини цени од регионот, но значително поевтини цени“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека граѓаните и компаниите ги живеат најтешките денови, а единствен виновник за тоа е Владата.
„Порастот на цените поинтензивно започна во 2021 година но владата ништо не презема да го спречи тоа. Напротив, Владата на СДСМ и ДУИ се однесуваше неодговорно и кога сите во регионот ги полнеа стоковите резерви со пченица, брашно, зејтин, сол, енергенси и други неопходни продукти, тие трошеа на набавки на мебел, и други непродуктивни трошоци за што од 1 ноември до сега имаат платено милионски износи“, вели Гордана Димитриеска Кочоска – ВМРО ДПМНЕ.
Горивата треба да поевтинат преку измени во Законите за акциза и ДДВ. Но откако ќе бидат донесени во Собрание, тие треба да се вратат на доработка во Влада, па дури потоа РКЕ ќе може да свика седница и да ги намали цените на горивата.
-
Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Сите содржини од овој новинар