Loading Video...
Ракомет
24. јуни 2022 - 19:48

Дејвис си оди од Вардар, се заканува егзодус на играчкиот кадар?!

Исклучувањето на македонскиот и европски ракометен гигант Вардар од Лигата на шампионите полека почна да се рефлектира и на тренерскиот и играчкиот кадар.  Прв замина тренерот Давид Дејвис а во наредните денови ќе се знае и состојбата на играчкиот кадар. 

Нема дилеми дека Вардар во последните 10-тина години цврсто се етаблира во европскиот ракомет како  мегаклуб способен да ги расипе сметките и на најголемите и најбогатите клубови како Барселона и ПСЖ. 

Затоа меѓу неговите фанови и сите љубители на ракометот и спортот во Македонија болно одекна одлуката на ЕХФ да им  го забрани настапот во ЛШ на црвено-црните. 

Токму играњето во елитната лига беше магнет за големиот број ракометни ѕвезди и македонски репрезентативци да го облечат дресот на Вардар што и ги донесе двете европски титули.  Неиграњето пак ќе значи егзодус на тренерскиот и играчкиот кадар што веќе и го најави тренерот Давид Дејвис кој заминува во друг клуб. 

Се огласија и легендарните играчи Дибиров и Стоилов кои очекуваат информации во оваа разочарувачка ситуација која се заканува  на клубот бидејќи без магијата во ЛШ за ракометните ѕвезди понатаму ќе нема предизвик во Вардар. 

Спонзорот и раководството на клубот изјавија дека подмируваат долгови од околу 2,5 милиони евра од претходниот сопственик. Многу или малку пари тешко е да се коментира за клуб со значително поголем буџет.  

Трагедија  е што веќе е доцна да се реагира и да се поправи состојбата. 

Вардар дојде на ниво во Европа кое тешко ќе може во иднина да го достигне, покажа дека и малите земји можат , стана база на репрезентативците но и амбасадор на Македонија и Регионот.  

Се круниса во европски првак но и тоа очигледно е недоволно државата да ги поддржи ваквите успешни проекти за кои сонуваат и многу побогати клубови и земји како Полска, Унгарија, Франција...

Ова е тема за која е време сериозно да се разговара и во АМС и во МОК  и во државните органи.  Мора некој да ја измери штетата заради исклучувањето на Вардар за да не ни се случуваат вакви киксови кои ја уништуваат иднината на спортот, на фановите и  младите кои инвестираат во својата спортска иднина.