Македонија
19. September 2024 - 16:34

Дефицитот од докторски кадар во ЈЗУ ќе се надоместува со приватни специјализанти

Дефицитот од докторски кадар во јавните здравствени установи ќе се надоместува со ангажирање на приватните специјализанти. На последниот повик на Министерството за здравство пристигнале 480 апликации. Триста од нив треба да бидат работно ангажирани до крајот на годината, а во штипска клиничка ќе се вработат 10-тина лекари.

- Во склоп на тоа што се вели децентрализација, регионализација на здравството, Тетово и Штип се посебно важни за да функционираат што подобро, бидејќи штипската болница покрива повеќе од 300 000 жители, изјави Арбен Таравари, Министер за здравство

Првиот човек на болницата истакна дека лекари специјалисти недостасуваат на сите одделенија, но приоритет ќе имаат оние оддели кои се најзасегнати.

- Најалармантно е на Анестезија, Ортопедија, на Гинекологија. Исто така ни недостасуваат доста општи хирурзи, а имаме и недостаток и од интернисти, изјави Влатко Захариев, директор на Клиничка болница- Штип

Во однос на новата клиничка болница, чија изградба подолг период тапка во место, Таравари истакна дека со одлука на Влада, на Министерството за здравство му се дадени овластувања да ја достави докуметацијата до сите компании кои се заинтересирани за доизградба на болницата.