Даунинг стрит: Меј не планира да поднесе оставка
Премирката на Велика Британија Тереза Меј не размислува да поднесе оставка, објави Скај њуз, повикувајќи се на извори од Даунинг стрит.
– Оставката не е опција, изјави извор од Кабинетот за Скај њуз.
Засега нема коментари од портпаролот на британската премиерка, ниту од Конзервативната партија.
Меј во обраќањето на годишната Конференција на нејзината Конзервативна партија во Манчестер рече дека владата се подготвува за секаков можен исход од преговорите со ЕУ за Брегзит, вклучително и тие да завршат без договор.
Обраќањето на Меј вчера беше прекинато од страна на комичарот Сајмон Бродкин, кој и врачи формулар за отказ. Пред да биде отстранет од обезбедувањето, Бродкин рече дека бил испратен од страна на министерот за надворешни работи Борис Џонсон за да и порача на Меј дека е отпуштена.
Конференцијата во Манчестер помина во знак на притаениот судир меѓу Меј и Џонсон, кој и изрази поддршка на премиерката, но за кого, сепак, се смета дека има лидерски амбиции.
Во својот вчерашен говор, Џонсон рече дека е време повторно да се слушне грмежот на британскиот лав и дека Велика Британија ќе биде успешна по напуштањето на Европската Унија.
По отстранувањето на Бродкин, Меј изјави дека ќе го искористи формуларот што и го врачи и ќе му го предаде на лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин.
Конзервативците победија на последните избори во јуни годинава, но го загубија мнозинството во Парламентот, а според анкетите, тие сега според популарноста се безмалку изедначени со лабуристите на Корбин.
Меј вчера пред сопартијците, зборуваше и за парламентарните избори во јуни и се извини на своите конзервативци за слабиот изборен резултат на партијата.
Ново на Сител
-
Приведен возач од Македонски Брод, возел со 2,82 промили алкохол во крвта
-
ЕУ дозволи недржавни знамиња во публика, забраната за изведувачите останува
-
Од мај ќе се наплаќа движењето со возила низ Национален парк Шар Планина
-
Приведен криминалец баран со потерница, се обидел илегално да ја премине границата
-
Приведен 40-годишен маж, возел со брзина од 151 км на час на место каде е дозволено 80
-
Барселона сака да го продолжи договорот со Флик до 2027 година
-
По 14 денови прекината блокадата на РТС
-
Мицкоски на Конгрес на Европската народна партија во Валенсија