Македонија
5. September 2023 - 19:23

Дали наводите за кражба на цитостатици се влечеле 20 години? Што велат екс министрите за здравство?

 За една недела повторно протести за скандалот на Онкологија доколку граѓаните не добијат правда – дали и кој земал од терапијата на најтешко болните, кој препродавал на црниот пазар и зошто пациенти не добивале соодветен лек. И додека чекаме име и презиме на виновниците, како што кажа премиерот Ковачевски за овие наводи се зборувало 20 години но сега е направена обемна акција. Во тие две децении се сменија неколку министри за здравство -  на сите во фокусот им биле малигните заболувања, но кој што направи. Иако побаравме мислење од сите, само мал број кажаа што било во нивно време.

Јавно, се почна лани во ноември кога поранешниот директор на Онкологија поднесе оставка по барање на министерот. Клиниката имаше милионски долгови кон добавувачите на скапата биолошка терапија, а менаџментот немал протокол кој зема од лекот. Беким Сали во изјава за Сител вели затоа и побарал Васев да си оди.

-Во неколку наврати на мое барање беше потенцирано зошто се дава терапиај на пациенти по нивно барање. Давањето терапија селективно без стручен конзилиум значеше и дека злоупотребата е на повисоко ниво, вели Беким Сали, поранешен министер за здравство.

Во времето на Имер Селмани немало долгови на клиниката, но имало и отчетност, вели во изјава за Сител поранешниот министер за здравство.

-И тогаш се даваа скапи лекови, имаше лекови за сите во месецот, ама имаше и отчетност. Менаџментот на клиниката пред министерот реферираше во месецот за пторошувачката на скапите лекови, вели Имер Селмани, поранешен министер з аздравство.

Поигрувањето со најтешко болните не смее да остане неказнето, бараат сите. Здравствени работници пак се прашуваат дали целосен ремонт на системот ќе помогне во враќање на довербата на пациентите.

-Пред рестарт мора да се знаат виновниците, не смее некој да се богати преку грбот на пациентите и да ужива во тоа, вели Селмани.

Скандалот на Онкологија ги зголеми грижите на пациентите кои одат на хемотерапија и сомнежите на семејства ко изгубиле свои блиски. Кого ќе допрат нивните солзи и маки...

 -изгубив син, на 31 година...дали мирно спијат...

Обвинителството ги вештачи доказите и врши распити на лица кои може да имаат сознанија за наводите и кога треба, како што велат, ќе ја информираат јавноста.