Дали има етички пропуст на лекари за смртта на 14 месечното бебе од Гошинце?
Судот на честа при Лекарската Комора ја започна постапката за случајот со 14 месечното бебе од Гошинце кое на 5 октомври почина на Детска. Ќе утврдуваат дали лекарите кои биле вклучени во третманот на бебето направиле етички пропуст врз основа на извештајот од стручниот надзор како и барањето од министерот за здравство.
Согласно постапката инволвираните доктори на медицина ќе можат да се произнесат за случајот. По утврдување на фактичката состојба судот ќе донесе одлука за тоа дали се прекршени етичките норми на професијата регулирани со Кодексот на медицинската деонтологија, велат од ЛКМ.
Обдукцијата ја покажува причината за смртта, а Обвинителството конечно го обезбеди обдукцискиот извештај. Дали има елементи на кривично дело допрва ќе утврдуваат.
-Истражител од Истражниот Центар на ОЈО Скопје го обезбеди извештајот од извршената обдукција како и дел од извештаите по кои постапувале надлежни инситутции. Обвинителството го очекува и извештајот од Министерството за здравство по што целокупната документација ќе биде разгледана се со цел да се утврди дали има елемент на кривично дело, велат од ЈОРМ.
Независно од Комората и Обвинителството, на Детска во тек е дисциплинска постапка против двајца специјалисти кои веќе еден месец се суспендирани од работа. Тие биле дежурни на 3 ти кога и покрај направените прегледи не го хоспитализирале бебето од Гошинце а ова стоеше како забелешка за пропуст и во извештајот од стручниот надзор.
Во тек е работата на нова стручна Комисија која треба да ја испита и смртта на 5 годишното девојче кое почина пред една недела на Детска. Државниот санитарен и здравствен инспекторат пронајде недостатоци во третманот – несоодветна евиденција за случајот но и системски пропусти за кои било укажано и порано.
Директорот на за детски болести засега молчи. Вели сите детали ќе бидат образложени на прес конференција во петок.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар