Балкан
28. November 2025 - 13:48

Црногорската полиција разби мрежа на проруски платеници, уапсен државјанин на БиХ со 1,5 милион евра

Црногорската полиција разби мрежа на платеници кои се бореле на страната на Русија на украинското боиште, а уапсен е Данко Савиќ (61), државјанин на Босна и Херцеговина со постојан престој во Црна Гора, кој на сметка имал еден и пол милион евра, за кои црногорската полиција верува дека ги стекнал за време на престојот во руските формации, јавија денеска медиумите во Подгорица.

Како што е соопштено, Савиќ е уапсен во текот на координираната акција со кодно име „Луганск“, а при претресот на станбени и други простории што ги користи, полицијата запленила 12,2 килограми експлозив, повеќе десетици парчиња муниција од различен калибар, оптика за ноќно набљудување, опрема за чистење оружје, радиостаници, сигнален пиштол, како и делови од огнено оружје.

Како што се наведува, оваа полициска операција засега опфаќа 12 лица, а полицијата претресла 13 локации во Даниловград, Никшиќ и Подгорица.

„Пронајдени и одземени се: 24 парчиња огнено оружје, повеќе од 1.000 парчиња муниција, повеќе рамки, девет ножеви, сабји и бајонети, како и униформи, знамиња и други обележја на формациски организации и групи, како и други предмети кои согласно законот може да се одземат, а се поврзани со ова и со поврзани кривични дела“, наведува црногорската полиција.

Меѓу одземените предмети пронајдени се и бројни воени униформи, панцири, шлемови, СИМ-картички, комуникациски уреди, како и легитимации на Црногорското козачко братство, често со различни имиња.

Полицијата запленила и гас-маска, амблеми со грбови и натписи, метален „боксер“, како и документација која упатува на поседување вреден имот.

Материјалните докази, наведува полицијата, укажуваат дека Савиќ учествувал во странски воени структури на Руската Федерација во Луганск, во периодот од почетокот на 2023 до почетокот на 2025 година. Постои сомнение дека неговиот ангажман бил мотивиран од финансиска добивка и дека токму во тој период ја стекнал спорната сума од 1,5 милиони евра.

Ова не е првпат Савиќ да биде на мета на полицијата. Тој беше уапсен и во јуни 2025 година, кога во неговата куќа биле пронајдени 12 килограми експлозив спакуван во облик на појас. Тогаш против него беше поднесена кривична пријава за недозволено држење оружје и експлозивни материи.

Медиумите претходно објавија дека Савиќ е поранешен припадник на Војската на Југославија. Во јавноста претходно се декларирал како атаман, односно козачки командант, поврзувајќи се со Балканската козачка војска, организација која наводно е поврзана со Централната козачка војска на Русија, блиска до претседателот Владимир Путин.

Црногорската ТВ Е наведува дека акцијата „Луганск“ е координирана со две разузнавачки служби на земјите-членки на НАТО и дека, врз основа на податоците од западните служби, полицијата претресувала објекти на лица кои се припадници на „Балканската козачка војска“, „Црногорско-козачкото братство“, како и организацијата „Ноќни волци“.

Тој медиум потсетува дека овие организации се блиски до Српската православна црква и дека таа поврзаност се разоткрила при устоличувањето на митрополитот на СПЦ во Црна Гора Јоаникиј Миќовиќ на 5 септември 2021 година, кога членови на тие организации учествувале во обезбедувањето на манастирот на Цетиње каде што се одржало устоличувањето, пренесува денеска хрватската агенција Хина.

ТВ Е потсетува и дека уапсениот Данко Савиќ е атаман на Балканската козачка војска, која е основана во 2016 година во Котор.

Медиумот, повикувајќи се на податоците на Дигиталниот форензички центар, потсетува дека „Балканската козачка војска“ стои зад здружението „Сојуз на доброволци од Донбас“.

 

МИА