Црни саѓи во кавадаречко поради палење на лозови прачки
Црните саѓи кои паѓаат низ Кавадаречко се поради палење на лозови прачки по кроење на лозјата во Тиквешијата, реагираат денеска во изјава за МИА од регионалното еколошко друштво „Еко-живот” од Кавадарци.
– Сега е период на спалување на прачки од винова лоза насекаде по лозјата во Тиквешијата. Се појавуваат црните саѓи кои паѓаат последниве денови насекаде низ градот. Апелираме за реакции и потреба да се одржат јавни расправи од едукативен карактер за можните начини за справување со прачките од виновата лоза, нагласува претседателот Роберто Паризов.
Според Паризов саѓи има секаде. – Во центарот, во Ваташа, во новиот центар, по терасите, како последица на палење стрништа и од запалени прачки, додава Паризов.
На поголема одговорност при справувањето со отпадот во кавадаречките лозја, во саботата во изјава за МИА повика и Александар Чадамов, командир на Територијалната противпожарна единица. Денеска тој повторно упати апел за внимателност, бидејќи само во саботата и тоа само во една смена, имале дури седум пожари предизвикани од невнимателност при палење на лозови прачки по кроење.
Изминатите неколку седмици пожарникарите континуирано биле ангажирани во гаснење на пламени јазици кои настанале токму поради масовно горење на лозовите прачки кои остануваат по резидбата на виновите лози. Во два посебни пожари во кавадаречкото село Сопот, огнот се приближил до самите куќи, влегол и во дворот на едната, па се јавила и паника од можни последици врз домовите на сопотчани.
Чадамов повтори дека за жал, некои од неодговорните во огнот ставаат и гума, пластика и кабли, за побрзо да изгорат отпадните прачки.
– Тоа од една страна претставува опасност по животите и имотите на луѓето, а од друга страна, дополнително ја загадува околината. Апелираме на совесност кај населението и внимателност кога станува збор за управување со отпадот кој им останува по кроењето на лозјата, нагласи Чадамов.
Додаде дека токму поради овој актуелен проблем со кој се соочуваат, им се случува нивни екипи истовремено да бидат ангажирани на неколку различни места. Исто така, овие денови поради вакви пожари, редовно на работа биле повикувани и пожарникари кои во тој момент не се на смена. Се со цел, успешно да се локализираат сите жаришта кои се јавуваат после неконтролирано справување со отпадот од лозјата.
Ново на Сител
-
Во координирана акција запленети 283 килограми шверцуван тутун
-
Бензините и дизелот од ноќеска поскапи за два денара
-
Крводарителска акција на 30 април по повод Светскиот ден на слободата на медиумите
-
Оддадена почит за убиените осум бранители кај Вејце во 2001 година
-
Светска банка: Раст од 2,6 проценти на македонскиот БДП, 2,5 во 2026-та
-
Костадиновски: Уставниот суд има потреба од закон за доуредување, статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро
-
Делегација на Достоинство, предводена од Ангелов положи цвеќе во спомен на загинатите бранители во Вејце
-
Палевски негира насилни кривични дела, според него процесот е политички прогон