Балкан
2. February 2016 - 8:46

Црна Гора: Пензионерите го спасуваат домашниот буџет

Граѓаните на Црна Гора во понеделникот ги израдува веста за поевтинување на цените на горивото за 4 до 5 евро центи по литар. Истиот ден е објавен и нов индекс на потрошувачките цени кои во однос на истиот период лани се повисоки за 1,5 отсто. 

Истражувавме како во таа земја е можно со просечна плата од 482 евра да се подмири минималната потрошувачка кошница од 806 евра и дали намалувањето на цената на горивото ќе влијае на цените на основните намирници.

Дека потрошувачките цени не го следат падот на цените на горивото на пазарот, се согласуваат претставниците на потрошувачите, трговците и економските експерти.

Во Црна Гора никој не ги спушта цените бидејќи во таа земја главно не се произведува, вели аналитичарот Мустафа Цанка.

„Околу 17 отсто од увозот покриен е со извозот, што говори дека Црна Гора е увозно-ориентирано општество‟ - рече тој за Ал Џезира, потенцирајќи дека многу фирми во таа земја се занимаваат со трговија, т.е. со увоз.

Во Црна Гора не поевтини ништо освен цената на такси услугите, потврди економската аналитичарка Ана Нивес Радовиќ, додавајќи дека до тие корекции дошло поради недоволно промет.

„Некои поевтинувања се видливи преку увозната стока, но тоа е резултат од трендовите на другите пазари‟ - рече Радовиќ.

„Незабележено враќање на цените‟

Насер Хоти од Улцињ, кој 14 години се занимава со велепродажба, истакна дека намалувањето на цената на нафтата не влијаело на цените на кондиторските производи, но ни на намирниците од социјалната програма – брашното, маслото, шеќерот.

„Шеќерот, маслото и кафето спаѓаат во берзанска стока чија цена зависи од берзата и движењето на цените на берзата‟ - рече тој за Ал Џезира.

Цените на горивото во Црна Гора моментално се на 15 годишен минимум, рече за Ал Џезира Предраг Бољевиќ, аналитичар во Центарот за заштита на потрошувачите на Црна Гора (ЦЕЗАП).

„Во Црна Гора пазарот до сега не практикуваше да го следи падот на одредени артикли чија цена своевремено е зголемена поради растот на цените на горивото‟ - рече тој.

Бољевиќ потсети на обидот на зголемување на цените на лебот и другите основни намирници пред неколку години, поради што интервенираше и Владата на Црна Гора.

Цените тогаш не беа зголемени, но сега тие исти компании молчат кога треба да ги намалат цените поради падот на цените на горивото.

„Едноставно, враќањето на цените поради тоа што причината за нивниот раст е вратена, се уште не е забележано на црногорскиот пазар‟ - потенцира овој аналитичар.

Две плати за потрошувачката кошничка

Разликата меѓу просечната плата и потрошувачката кошничка во Црна Гора речиси е двојна. „За да имате можност да ја обезбедите таа потрошувачка кошница ви требаат две просечни плати во Црна Гора‟ - рече Бољевиќ.

Дополнителен проблем за црногорските граѓани претставуваат нередовните плати, а голем број од нив имаат примања само на лето, во текот на туристичката сезона.

Жителите на Улцин со кои разговаравме истакнаа дека најголем проблем им се високите сметки за електрична енергија. Имено, во зимските месеци поголемите семејства плаќаат над 100 евра месечно, а цената некогаш е и над 200 евра.

За претседателката на ЦЕЗАП Олга Никчевиќ несфатливо е како граѓаните можат да преживеат со платите кои ги имаат.

„Огромен број на жители едвај преживуваат, така што семејствата се помагаат. Пензионерите издржуваат цели семејства‟ - вели Никчевиќ, потенцирајќи дека пензиите не служат за издржување на семејствата, туку луѓето кои ја заработиле таа пензија да можат да живеат од неа.

Во Црна Гора пензионерите издржуваат цели семејства, потенцира таа.