Македонија
21. November 2017 - 14:07

Четврта консултација за студентското организирање

Единствен начин за решавање на проблемот со студентското организирање е логично заокружување на поимот академска заедница, која е составена од професорите и студентите, истакна Стефан Дојчиновски од Студентскиот пленум на денешната, четврта консултација за студентското организирање и за начинот на кој студентите сакаат во иднина да функционираат и да бидат уредени студентските парламенти, што денеска се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. 

Тоа, според Дојчиновски, значи интегрирање на студентското претставничко тело во рамки внатрешната организација на универзитетите и факултетите респективно, како посебно тело со функционална и финансиска независност,

- Ваквото решение, во кое круцијална промена е статусот на студентската организација, конечно ќе овозможи вистинско ползување од страна на студентите на своето право на претставување и учество во управувањето на универзитетот и факултетите преку свои легитимни претставници, рече Дојчиновски.

Тамара Велковска од студентската организација ЕЛСА посочи дека актуелниот Закон за високо образование  од 2008 година до денес има претрпено 23 измени.

- Во морето од измени може да се „удават" и правниците, а да не зборуваме за лаиците во правото. Прашањето за студентското организирање треба да биде посеопфатно регулирано во Законот за високо образование. Во спротивно ќе имаме ситуација каква што имаме денес - нефункционални, нетранспарентни, нелегитимни и елитистички претставнички тела на студентите, рече Велковска. 

Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум соопшти дека консултациите ги организираат зашто е неопходна промена на моделот на студентско организирање, а за таа цел сакаат да го слушнат  мислењето на студентите.

- Токму затоа се овие јавни консултации на универзитите во Македонија, каде што дојдовме до низа препораки кои ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука на 30 ноември. Од досегашните консултации увидовме дека студентите имаат потреба од функционално тело кое ќе работи во насока на застапување на нивните интереси и ќе биде изградено врз демокрстски вредности, транспарентно и отчетно, истакна Илиевска