Македонија
1. May 2025 - 11:01

Честитка од министерот за јавна администрација по повод Меѓународниот ден на трудот

По повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, министерот за јавна администрација Горан Минчев упати честитка до сите работници во државата, со посебна благодарност до административните службеници кои, како што вели, се „двигатели на секојдневното функционирање на државата“.

-Овој ден е не само симбол на работничките права, туку и потсетник дека реформите мора да се водат со интегритет и визија. Денес, повеќе од кога било, граѓаните бараат ефикасна, стручна и департизирана администрација – и ние работиме токму на тоа, истакнува Минчев.

Посочува дека тековните реформи што ги спроведува Министерството за јавна администрација се насочени кон  воспоставување јасни критериуми за вработување и напредување, обезбедување фер плати и подобрени работни услови и зајакнување на транспарентноста и отчетноста во институциите.

-Работиме на администрација која ќе биде партнер на бизнисот, поддршка на граѓаните и двигател на европските интеграции. Времето на неефикасност и политички влијанија мора да остане зад нас. Нашата цел е модерна администрација по европски стандарди – достапна, професионална и ориентирана кон резултати, додава Минчев во честитката. 

Министерството за јавна администрација соопшти дека упатува порака за „континуиран социјален дијалог и заедничка работа со синдикатите, како предуслов за одржливи реформи и вистински напредок“.