Македонија
2. February 2016 - 17:52

Чешки полицајци ќе помагаат со мигрантите на македонско-грчката граница

Се надеваме дека освен земјите на В4, во поддршката и помошта ќе се придружат и други држави. Македонија е мала земја која е во центарот на миграциските траси и не треба да ја оставиме сама, изјави чешкиот премиер Бохуслав Соботка. 
 
Соботка, заедно со министерот за внатрешни работи, Милан Хованец, директорот на полицијата Томаш Тухи и македонскиот амбасадор во Прага, Паскал Стојчески присуствуваа на свечената церемонија на испраќање на контингентот на чешки полицајци во Македонија.
 
Дваесет и седум припадници на полицијата, шест недели, до 19 март конкретно ќе ја штитат „зелената граница" во Македонија и ќе помагаат при безбедносните прегледи на бегалците. 
 
- Ние не треба да се однесуваме како миграциската криза да не се однесува и на нас, подвлече Соботка, кој на прашање на новинарите одговори дека доколку биде побарано од македонска страна, мисијата ќе биде продолжена, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
   
- Во моментов, Македонија е една од најпогодените земји од миграцискиот бран. Иако земјата не е крајната цел за повеќето бегалци, таа се најде во центарот на миграциските правци на земјите од Западниот Балкан, рече амбасадорот Стојчески заблагодарувајќи се на чешката пријателска помош и поддршка во рамки на Вишеградската група (В4) и ЕУ.
 
Стојчески, додаде дека земјите на В4 (Унгарија, Словачка, Полска, Чешка) под чешкото претседателство се заложија да се посвети внимание на транзитните траси во земјите на западниот Балкан. 
 
- Кандидатските земји на ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија не сакаат да бидат сведоци на враќање на „ѕидови" и бариери меѓу внатрешните граници на ЕУ, укинување на безвизниот режим или неуспех на Шенгенот, подвлече македонскиот амбасадор во Чешка. 
 
Чешка до сега испрати свои членови на силите за безбедност како помош за совладување на бегалската криза во Унгарија и Словенија.