Македонија
23. September 2015 - 14:16

Чавков: Имаме стратегија за проблемот со мигрантите

Во услови кога Европската унија нема конзистентен механизам за превенирање и менаџирање на мигрантската криза која ескалира, Македонија формираше министерско тело кое презеде мерки за прифат и третман на мигрантите, и од безбедносен и од хуманитарен аспект.

Одговарајќи на новинарско прашање на Крсте Муковски од ВМРО-ДПМНЕ, министерот за внатрешни работи Митко Чавков на собраниската седница информираше за стратегијата на државата за справување со мигрантските бранови од јужната граница за кои поради интензитетот со одлука на Владата беше воведена кризна состојба.

-  Оваа криза трае од поодамна, но како поминува времето интензитетот е се поголем. На почетокот на годинава или лани имавме околу 400 до 600 дневно, пролетта 2015 значително се зголеми... Владата навремено реагираше со формирањето на министерското тело со задача да развие стратегија и акциски план за превенирање на состојбите со мигрантските процеси, рече Чавков потсетувајќи на донесените измени на Законот за азил и за привремена заштита. 

Со нив значително е амортизиран проблемот мигрантите да не бидат веќе плен на криминални мрежи кои ги криумчарат, а се минимизирани и безбедносните ризици со кои бегалците беа соочени поминувајќи по рутата низ Македонија кон север кога беа изложени на опасност од железнички несреќи. Со измените на Законот, мигрантите може да користат јавен превоз и организирано се прифаќаат. Хуманитарниот аспект е остварен преку соодветната здравствена заштита и регистрација на бегалците кои доаѓаат од југ. 

- Имавме и меѓународна комуникација во која се наметнавме како ефективен партнер во справување со овие глобални состојби кои ги тангираат сите држави - од потекло, транзитна рута и земји на дестинација. Македонија секој ден добива потврди дека е дел од решавање на проблемот, со доста добро организираниот механизам и за прифат и регистрација и за транзит на мигрантите. Состојбата и натаму ќе трае, и покрај проценките дека ќе се забави транзитот со промена на временските прилики. Од друга страна, Европа нема конзистентна рамка за ефективен одговор. Ние, сепак, и во овие околности имаме разработено сценарија кои во зависност од промените на состојбите во регионот и пошироко ќе бидат активирани, рече Чавков.  

На дополнителното прашање на пратеникот Муковски за соработката со Грција, од каде што бегалците влегуваат во Македонија, Чавков одговори дека немало никаква комуникација со таа земја на ЕУ во два-три критични дена во средината на август и затоа Владата на РМ донела одлука за кризна состојба на границите на југ и на север.

Рече тоа било апсолутна ескалација кога влегувале по седум до десет илјади мигранти во 24 часа од јужната граница.  Споредено со број на жители, рече Чавков, тоа е како 80.000 на ден да влегуваат во Германија.  

- Соочени со тој проблем, успеавме да се справиме со таа драматична состојба од два-три дена во Гевгелија. Оставени бевме сосема сами, немавме комуникација со властите од Република Грција, ниту на оперативно ниво. Од другата страна на границата немаше ниту полициски службеници од гранична полиција, ниту од редовна полиција, ниту имаше претставници од хуманитарни организации. За разлика од таму, од наша страна имаше значителен број релоцирани капацитети од гранична полиција, регионални сектори за внатрешни работи, од редовната полиција... Се уште немаме квалитетна и ефективна соработка со грчките власти во превенирање и решавање на проблемот во транзит на мигранти од Грција преку Р. Македонија. За разлика од тоа, со Србија и со другите држави од регионот, и особено со Австрија, Германија, Унгарија сме во постојана комуникација и координација, рече министерот за внатрешни работи.