Македонија
22. March 2017 - 15:32

Центар за филм-Битола јавно побара да го организира ИФФК „Браќа Манаки“

Центарот за филм-Битола, чии основачи се битолчаните Димитар Николов-Таки, Владимир Симоновски, Александар Стојановски, Сашо Миленковски и Петар Трајчевски, денеска на прес-конференција ги соопшти мотивите за организирање на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Новоформираниот Центар за филм-Битола аплицирал на јавниот повик на Агенцијата за филм на Република Македонија и е еден од двата апликанти покрај Друштвото на филмските работници на Република Македонија-ДФРМ кои доставиле програма за организирање на ИФФК „Браќа Манаки“.

- Никој досега не го заштитил ексклузивното право за организирање на фестивалот, а не знаеме дали постои основачки акт за Фестивалот. За жал во сите овие години наназад  ДФРМ не се потрудиле да го заштитат брендот, логото ниту името на фестивалот. ДФРМ не заштиле ниту еден сегмент со кој може да кажат дека полагаат ексклузивно право за организирање на Фестивалот. За жал Фестивалот не е регистриран во Централен регистер како посебен субјект, истакна Димитар Николов-Таки, поранешен директор на ИФФК „Браќа Манаки“.

Николов појасни зошто новоформираниот Центар за филм-Битола аплицирал за организирање на најновото издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

- Сметаме дека имаме капацитет да го организираме ИФФК „Браќа Манаки“ и знаеме како тоа да го направиме. Сами или со сите заинтересирани во неговиот развој. Сакаме да помагаме на секој кој сака да придонесува за фестивалот. Сакаме да учествуваме во контролирањето на средствата што републиката, Битола и спонзорите ги вложуваат во Фестивалот, рече Николов.

Центарот за филм-Битола ќе го организира Фестивалот волонтерски бидејќи, како што рече Николов, претставува брендот на Битола и е нераскинлив дел од мрежата на креативни филмски градови на УНЕСКО.