Македонија
21. August 2024 - 15:13

Целосно расчистено убиството пред Мавровка

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски преку фејсбук информираше дека СВР Скопје целосно го расчисти убиството пред трговскиот центар Мавровка.

- СВР Скопје целосно ги расчисти кривичните дела „убиство" и „убиство во обид“, кои беа извршени на 20.08.2024 на паркинг просторот позади трговскиот центар Мавровка, каде што со употреба на огнено оружје беше убиен В.Е.(58) од Скопје и на ул.„Стојна Стефкова“, каде со пиштол беше пукано кон полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

Имено, по преземени мерки и брза реакција на СВР Скопје, специјалните полициски сили, хеликоптери и дронови беше фатен и лишен од слобода сторителот на кривичните дела Е.К.(39) од Скопје.

Веднаш потоа, од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје беа извршени увиди на местата, беа извршени разговори со сведоци како и претреси во домови на неколку локации, беа прегледани видео записи и беше извршена претрага на терен за обезбедување на материјални докази како што се возила, пиштол, чаури и други одземени предмети. Од страна на Одделот за форензички испитувања при МВР извршено е вештачење на чаури и пиштол со кое вештачење се поврзуваат двете кривични дела со сторителот Е.К.

По обезбедување на целокупниот доказен материјал, Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против Е.К. поднесе кривична пријава по брза постапка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство” казниво по член 123 став 2 точка 4, кривично дело „убиство” во обид, казниво по член 123 во врска со член 19 и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали” казниво по член 396 од Кривичниот законик.

За второто лице кое беше лишено од слобода вчера до овој момент не е утврдена поврзаност со настанот и е ослободен, а се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање и на уште едно инволвирано лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело “Убиство“. - напиша Тошковски.