Македонија
23. December 2015 - 13:53

Цампарис: Името е поврзано со историјата, симболите, идентитетот, емоциите...

Решавањето на спорот со Грција за разликите околу името на Република Македонија е тешко да се разреши бидејќи, името само по себе е поврзано со историјата, симболите, идентитетот, емоциите..., смета професорот Аристотелис Цампарис, поранешен член на групата Елиамеп.
 
- Во случајот името оживотворува, опфаќа. И симболизира многу повеќе. Така што не се работи, според мене, само за името, туку и за она што го симболизира. Причината зошто е толку тешко да се постигне решение е затоа што името стои за толкување на историјата, тука е за толкување и развивање на симболите и се однесува на разбирање и толкување на  емоциите. Многу емотивно е прашањето. Можевме да измислиме нешто сосема поинакво, меѓутоа тоа симболизира историја, симболи и емоции. И во оваа смисла, логично е, затоа што во животот симболите, емоциите, историјата, идентитетот, тоа се работи за кои што се бориме во животот. Тоа се работи кои имаат значење за животот на луѓето, истакнува атинскиот професор во интервју за „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.
 
Во врска со посетата на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски на Атина вели дека е позитивен чекор и насока по која треба да се движат односите меѓу двете држави иако, како што потенцира, се согласува со неговата реченица дека во врска со спорот за името меѓу нив стојат високи планини.
 
- Нашите два народа, всушност, мора да живеат еден до друг. Во овој контекст, не можеме да продолжиме без да имаме контакти. Можеме да не се согласуваме, меѓутоа моето мислење е дека мора да разговараме. Треба да има дијалог не само меѓу професорите и новинарите, туку и на највискоките нивоа на власта. Таквиот дијалог може да биде позитивен. Тоа што сме географски блиску значи дека се соочуваме со заеднички предизвици, заеднички проблеми. Поентата е овде дека треба да разговараме меѓусебно. И во оваа смисла средбата меѓу двајцата министри за надворешни работи е позитивна. Таа е добра и такви средби треба да има почесто, вели Цампарис.
 
Тој додава дека е точна констатацијата на Попоски оти разликите во ставовите на двете држави во врска со спорот се големи како планини, но додава дека некогаш во иднина треба да се дојде до нивниот врв.
 
- Се качуваме по оваа планина  веќе 24 години. Во еден момент, треба да стигнеме до врвот од планината и треба да продоложиме понатаму, потенцира професорот.
 
Одговарајќи на прашањето зошто Грција сака да ја исклучи Македонија од нејзиното место во Европа, во ЕУ и НАТО и да ја третира како второкласна вели дека Атина сака Македонија да биде држава во целосна смисла на зборот.
 
- Од 1991 година грчката надворешна политика имаше спор околу прашањето околу името. Меѓутоа Грција и Атина се многу комотни и всушност сакаат да видат постоење на држава кон нашиот северен сосед во целосна смисла на зборот. Ова не е реторички. Во 2001 година, кога имаше вистинска етничка криза, Грција ја поддржа Македонија во територијалниот интегритет на државата, така што настрана постои спорот за прашањето околу името, а од друга страна има докажана воља - желба да се сочува територијалниот интегритет на оваа земја. Ова не се само зборови, туку се дела, вели грчкиот професор.
 
Прашањето околу името, вели тој, има вистински последици затоа што е точно дека тоа е камен на сопнување за вашата земја и пристапувањето кон евроатланските интерграции. Затоа, смета тој, потребни се средби и други мерки за градење доверба затоа што, како што потенцира, се повеќе станува јасно дека постои заеднички интерес меѓу двете земји меѓу сите земји на ЕУ, меѓу сите балкански земји да се разреши прашањето околу името, да се подобрат соседските односи и да се продолжи натаму кон пристапувањето во евроатланските интерграции.
 
- Тоа не е лесно, меѓутоа тоа е јасната патека која треба да ја следиме, но мислам дека е остврилава, нагласува тој.
 
Во врска со барањето од Грција Македонија да прифати ново има Цампарис вели дека Грција направила чекор напред што го променила својот став кој првично од 1991 до 2007 бил дека во името не треба да биде содржан зборот Македонија, до сегашниот официјален грчки став за име со географска одредница „ерга омнес“.
 
- Со други зборови, како го толкувам јас тоа на пример: „Северна Македонија“ или „Горна Македонија“ би биле некои од можните примери, вели грчкиот професор Цампарис.
 
Смета дека треба да се сфати оти, како што вели, проблемот  не е да се изнајде начин како да се дојде до решение, туку да се изнајде политичка воља да се стигне до решението.
 
- Тоа е проблемот затоа што е поврзан со идентитетот, симболите, со историјата, емоциите и политиката, за кој може да требаат децении да се разреши. Меѓутоа, сега се движиме кон поголем притисок кон договор. Тоа не се случи во минатото, не треба да бидеме оптимисти, но не треба ниту целосно песимистични, вели тој.
 
Смета дека решението до кое треба да се дојде треба да биде такво што не би предизвикало славје ниту во Атина ниту во Скопје.