Свет
17. May 2021 - 20:56

Британија го повика Израел да дејствува пропорционално, Германија го осуди Хамас

Британската Влада денеска оцени дека Израел мора да има сигурност дека израелските воени активности против Хамас се „пропорционални” и изрази длабока загриженост за уривањето на канцелариите на медиумите и другите цивилни цели во Појасот Газа.

Портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон, Макс Блејн рече дека Велика Британија е „во контакт со колегите од САД и ОН и итно бара повеќе информации од израелската влада за нападот во саботата кога беше уништена повеќекатница каде беа сместени канцелариите на  Асошиетед прес и други странски медиуми.

– Ние сме длабоко загрижени за извештајот на ОН дека 23 училишта и 500 куќи, како и медицински установи и канцеларии на медиуми, се уништени или оштетени во Газа. Израел мора да вложи максимални напори за да избегне цивилни жртви и воената активност мора да биде пропорционална, рече Блејн.

Тој исто така ја изрази загриженоста на Велика Британија дека Хамас користи цивилни области за напади.

Израел тврди дека зградата во која се наоѓале канцелариите на странски медиуми ја користел и Хамас, но не даде докази.

Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри, пак, предупреди на опасноста од ширење на конфликтот меѓу Израел и Палестинците, повикувајќи ги сите страни да воспостават прекин на огнот.

Самех рече дека Египет соработува со меѓународни партнери за да се постигне ова и да започнат политички преговори за да се постигне „трајно, сеопфатно и правично решение на палестинското прашање”.

Тој изрази надеж дека американската администрација ќе се приклучи на ваквите напори за рестартирање на политичкиот процес со цел да се избегнат војни и уништувања во регионот.

Шефот на египетската дипломатија ја повика владата на Израел да ги намали тензиите во Ерусалим и да ги запре напорите на еврејските населеници екстремисти да ја изменат природата на градот.

Германските власти денеска го осудија ракетниот напад на Хамас врз Израел и побараа од екстремистичката организација веднаш да ги запре ваквите напади.

–Тоа е терор што има за цел случајно да убива луѓе. Германската влада стои покрај Израел и неговото право да го брани своето население и да се брани себеси, рече портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт.

Тој оцени дека Хамас ги држи во заложништво жителите во Газа со истрелување ракети од густо населените области.

Одговарајќи на прашање за уривање на зградата во Газа во израелските удари за време на викендот, портпаролот рече дека е важно новинарите да известуваат од воените зони, но тој повтори дека Израел има право на самоодбрана.