Македонија
14. March 2022 - 13:46

Борел не ветува датум, туку волја за брзи преговори

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ и потпреседател на ЕК Жосеп Борел изјави дека не може да вети датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, но, како што истакнува, ветува волја, а каде има волја, има и начин. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, апелира до сите земји членки на ЕУ час поскоро да се определи датум за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.

– Билатералните прашања не смеат веќе да загрозуваат никаков процес на пристапување, дури ни ако се засновани на етничко-лингвистички согледувања. Тоа е нашата заложба, изјави Борел на денешната заедничката прес-конференција со Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања во врска со почетокот на преговорите со ЕУ и отворените прашања со Бугарија.

Додаде дека го разбира разочарувањето што многумина го чувствуваат во Северна  Македонија и повтори дека стартот на преговорите за пристапување на државава и на Албанија е висок приоритет за ЕУ.

– Постојано оценуваме дека земјата е подготвена за почеток на разговорите за пристапување и тоа не е реторичка изјава, тоа е цврста проценка и заложба и изјава за намера, рече високиот претставник на ЕУ Борел.

Тој оцени дека одлуките донесени од Владата на Северна Македонија уште повеќе ја поврзуваат земјата со вредностите на ЕУ, затоа што, посочи, таа многу јасно ја искажа својата волја да оди што побргу на овој пат, но, наведе дека постои проблем кој се обидуваат да го решат со помош на сите нивни капацитети.

Најави дека ќе продолжат да разговараат со Бугарија се додека не се реши ова прашање.

Според Борел, позитивната работа е дека сега меѓу двете влади и двајцата премиери има многу поцврста волја да се постигне решение.

–  Секако, целта на моето патување не е да го подигнам евроскептизимот, туку напротив, ниту да се зголеми странското влијание во земјата. Мислам дека моментот е сега, постојано комуницираме и проценуваме дека земјата е подготвена да започне преговори за пристапување. Не можам да ветам, но можам да уверам дека правиме се што можеме пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија да започнат на следната меѓувладина конференција, рече тој, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе разговараат со Бугарија по оваа посета на регионот за забрзување на процесот и да се дојде до решение.

На новинарско прашање дали на средбата со Борел побарале европска интервенција за конкретни чекори односно датум за почеток на преговори во јуни, премиерот Ковачевски одговори дека за датуми не се врзува, туку за остварување на цели што треба да се направат.

-Да се дојде до решение кое прво ќе биде прифатливо за двете страни. Решенијата треба да бидат во духот на еворпските вредности, треба да се базираат и на задржување на достоинството на двата народа и двете држави и одлуката треба да биде прифатена и донесена од страна на сите земји члники на ЕУ, појасни меѓу другото Ковачевски. Разговарав со Борел, додаде, и добивме уверување дека сите овие разговори ќе ги пренесе во ЕК.

Премиерот Ковачевски, прашан од новинарите дали има најава за нова средба на ниво на премиери и за кои прашања би се разговарало, одговори дека имаат редовна комуникација и со премиерот Кирил Петков и на ниво на ресорни министерства. Потсети дека министерствата за надворешни работи на двете држави работат на политичките прашања и имаат редовна комуникација на ниво на експерти.

– Во моментот кога ќе имаме заедничко прифатливо решение, кое ќе се заснова на европските вредности, ќе се заснова на ставовите кои ги отсликуваат позициите на нашата држава декларирани во Собранието, тогаш тоа заедничко постигнато решение ќе биде споделено, изјави Ковачевски. 

Ново на Сител