Македонија
21. November 2016 - 17:25

Битолскиот театар во САД ја изведе претставата „Антоние и Клеопатра“

Народниот театар од Битола, кој гостува во САД, синоќа во Потер Театарот во Санта Барбара ја изведе претставата „Антоние и Клеопатра“ во режија на Џон Блондел. 

Гостувањето на Битолскиот театар во Соединетите Американски Држави е поддржано од Министерството за култура. 

Како што соопшти Министерството за култура, поради врнежите од дожд, по подолго време, претствата од планираната локација на отворено била презакажана за изведба во затворен простор. Тоа, како што се наведува, придонесе за една интимна комуникација со публиката, која навистина уживаше во една модерна изведба, разбирлива на ниво на интересни театарски решенија, експресивна актерска игра и режисерска инвентивност, кои беа наградени со огромен стоечки аплауз и овации.

Во публиката покрај многубројните колеги се најдоа и пријатели од Македонија кои специјално допатуваа од Лос Анџелес, како татарски продуцент од Србија, актерката Леона Парамински од Хрватска и режисер од Словенија, кои живеат и работат тука.

Режисерот на претставата Џон Блондел и јавно му се заблагодарил на Министерството за култура и на министерката Елизбета Канческа-Милевска. 

- Актерите и раководството на Битолскиот театар уште еднаш успешно ја презентираа македонската култура и јазик надвор од својата држава. Очекувајќи ги критиките и написите од официјалната критика и шекспиролозите што го проследија овој настан, тие се упатуваат дома, со нова покана од домаќините, повторно да донесат нови театарски доживувања, се вели во соопштението од Министерството за култура. 

Народниот театар од Битола во Битола продолжува со реализација на претставата „Д-р Фауст“, во режија на Андраш Урбан, која се очекува да се случи во средината на декември.