Македонија
28. October 2024 - 16:46

Ахмети му пиша на Мицкоски: Ситуацијата е сериозна

Ахмети со писмо бара Мицкоски сериозно да ја сфати ситуацијата во државата по одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот, но и по најавите зa нова одлука за законот за јазици. Лидерот на ДУИ го предупредува премиерот дека секое ново нарушување на меѓуетничките односи можат да имаат сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост во државата.

„Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во Северна Македонија. Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците“, му пишал Ахмети на Мицкоски.

Охридскиот договор, посочува лидерот на ДУИ, не е само политичко прашање.

„Секој обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор што може да ја влоши состојбата во земјата и регионот. Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија“, предупредува Ахмети.

Слично писмо, во кое бара меѓународна интервенција Ахмети вчера испрати и до повеќе меѓународни претставници и шефови на држави.

Премиерот вели писмото се уште не го добил и не може да го коментира. Сличен став доаѓа и од првиот премиер и поранешен сопартиец на Ахмети  - Меџити.

За третиот коалициски партнер во Владата – ЗНАМ, писмото на Ахмети е политички популузам бидејќи ДУИ прифатиле укинување на балансерот кога биле на власт.

Минчев тврди дека се уште не видел нацрт верзија на законот за правична застапеност како што највуваат од коалициската Вреди и вели дека ако се подготвува таков закон тогаш не треба да се брза.

Од Вреди пак, го демантираат Минчев и велат дека веќе се работи на законското решение.

Сепак, албанскиот партнер во владата не открива детали од законот за правична застапеност кој го подготвува.